Сијамска тројка

Сијамска тројка

Тоа веќе не е „класифицирана информација“. Прочитани се. Ново е што стигнаа рентгенските наоди, кои кажуваат дека, ем што има начини сијамската тројка да се оддели на две целини, ем дека само едниот дел ќе остане жив, а двата ќе умрат. Фамилијата и вемерето не можеле да се одвојат едно од друго, па како такви нема да преживеат, а третиот дел – државата, може успешно да се одвои од сијамската тројка, да преживее, да расне и порасне. Машала.

„Фамилијата“, знаејќи како и колку го уништи здравството, не верува на наодите. И тие да ти биле сечени, лепени и монтирани. Има и доказ за тоа. На снимката се гледа дека постои кичма, што е сериозно недозволена работа кај нас. Како и да е, како и да било, медицината мора да се батали и да се бара друго поле за борба, каде „троедното суштество“ има искуство.

Суштеството било јако во „спорт“ и тука ќе војувале. Му одговарало да се тепа, оти не е едно, туку три во едно. Таква е и следната „генијална идеја“, која (се разбира) може да биде само чисто боксерска: повлечи се, за да нападнеш. Трајко отстапи, за вемерето да го залаже противникот, а потоа „да удри“ со едно од трите тела, сплотени во едно, во сијамското чудовиште. Додуша, „ударите“ веќе не се јаки, не се координирани, завршуваат во ветер. Нема веќе сила во чудовиштето да го собере тој „народ“ со вемереовски книшки и да удри за „трева да не никнува“.

Ама... и противникот доживеа метаморфоза: „порасна“ на 1000 тони. Не мава, но од самото дишење на монструмот му се кине дресот и бечвите, задничето зјае како на шипарица на матурска журка. Од него испаѓаат платеници со големина на мравки, со огромни пароли, кои не можат да ги носат од тежината, се спуштаат од задничето на боксерчето, со внимателно дизајнирани падобрани со мотив од македонското знаме, директно на лизгав терен и таму се тетурават и тие, грогирани од здивот на законот, несигурни дали е сеуште „безбедно“, да го читаат напишаното во центарот за комуникација и да се држат до „протоколот на теророт“.

            Дали е само до „противникот“ или е и до рингот? Да, да! Рингот е променет. Сијамецот веќе не настапува „дома“ во ултра „нехигиенска“ средина, во која секое негово унередување и свињарија може да помине како „патриотизам“. Овде не се јаде бурек и не се бодат очи со топувчиња. Рингот се претворил во операциона сала, каде почнува да мириса на хигиена. Просторијата била испрскана со СЈО – мицин, па сијамецот се гуши од мирисот. Хигиеничарките планирале уште „посмртски“ да дезинфицираат. Тоа СЈО – мицинот да ти труел секакви гниди, па дури и од оние најотпорните од задникот на монструмот. Некои гниди веќе напуштиле и бегаат за да пеат арии на друго место.

Некои од нив се прашуваат: дали вемерето, „фамилијата“ и државата се сеуште едно исто, цврсто споени во сијамска тројка? Ересот да се праша е веќе надминат.

Надрилекарите од сител, ТВ Кочан, петтоканалните и институтот за историја велат дека овој сијамски организам ќе живее вечно и безгрижно, но после таквите „експертизи“ чистачките во собата за преглед не можат да дочистат од гнасотилаци, наводници и прашалници. Триедниот сијамски организам е жив, но смрди на пцовисано, тоа сите го гледаат. Сам се дели, фрла красти на сите страни, течат лиги и гној, му отпаѓаат делови. Не помага владичко пеење, баење од уплав, далак, бокмаџа, ниту кушање, ниту видање. Ова било сериозно.

Одговорот за тоа го донесе Хирургот – анестезиолог Хојт. Тој јасно рече дека „смртта на двата дела од чудовиштето е неминовна“, со тоа е согласен цел „конзилиум лекари“ од Европа. Второ, трето, сто и трето мислење на сериозни „хирурзи“... и... сите се исти. Мора да се делат со најсилни методи. Првото и второто ќе умрат, а третото ќе го спасиме.

Дупла доза СЈО – мицин, ставај Талале ракавиците, ајде Зоране фаќај скалпелот, додавај бре инструменти Радо – што чекаш, да помине анестезијата од Хојт?


После „операцијата“, она што ќе остане од чудовиштето, ако е машко, ќе го крстиме „Татковина“, а ако биде женско „Родина“. Можеби за прв пат во нашата историја тоа ќе го изговараме без подсмев и без кретенска театралност и еуформија, додека чекаме „да ни стаса пасошот“. 

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“