Терај Зоки понатаму и батали скапаници

Не сакаме „институции“
             Сакаме Институции!
                           БРИШИ НАВОДНИЦИ


Терај Зоки понатаму и батали скапаници

Проекти?
Да ги „терал“ премиерот?
Пак ова вемереовциве јаделе нешто расипано...

Најпрво едукација.
Проекти „тераат“ оние од третиот ешалон, па надолу. Првите ешалони прават програми, а „проектите“ се само дел од програмите. Првиот и вториот ешалон прават и реализираат проекти само ако многу им се краде и немаат доверба во пониските ешалони.
Премиер на држава не „тера“ проекти, тој прави програми, кои се нарекуваат и институционализација на политичка волја, која ја „провериле“ на избори. Нема тука „остваривме и што не ветивме“, како што правеше вемерето и фараоните во Египет.
Програмата значи иницијатива „од горе – кон долу“, а проектите се акции „од долу – кон горе“. Така и ние невладините работиме. Сами ги правиме проектите и ги поднесуваме за финансирање. Со тоа, вемереовските бладања дека постојат „странски проекти“ против нив, се едноставно небулозни. Ние не сме ги направиле проектите „против нив“, туку за општо добро. Тоа што проектите биле „против нив“ е затоа што нивните „проекти“ беа против сите нас. Нивната програма се викаше „акај наводници каде ќе стасаш“ за од институциите да направат вемеровски дувла на криминалот и неморалот.
Заев само јаваше на вистинскиот бран на патриотизмот, правдата и општото добро. Тоа го прави и сега. Тој бран ќе јакне се повеќе, ќе збрише, забрани и ќе стави во зандани многу партиски мативоди и криминалци, па ако сака судството и кожни гаќи нека стави, за да ги заштити.
Заев ветил законие? Убаво! За да оствари, прави програма за законието да се врати во нашите животи. Ветил отчетност и транспарентност? Затоа и направи владин состав од еминентни експерти, а не од глуперди - пеленачиња. Тоа е гаранција или „програма“ за позитивна селекција, со што, во 99%, е остварена заложбата за отчетност и транспарентност. Не се тоа приучени виолинисти, експресно дипломирани месечари, типови од маргините на општеството и неуспешни студенти. Да ви ја стави на плеќи својата кариера некој од министрите на СДСМ, сите вие вемереовски „проектанти“ ќе се сплескате како палачинки.
Ветил Заев живот во Македонија? Да не мислевте дека ќе оди по куќи и ќе плоди жени? Животот се врати, слепи сте? Повеќе никој не шепоти. Забележавте? Уште не дојден салам, а веќе нема емисии со наместени прашања. Видовте дека нема одбрани новинари на дебатата, со списоче од таму некој фекализиран центар за комуникација?
Но, тоа не е се. За да се врати животот, навистина да се врати животот, вербата и надежта дека и „од ова дрво се прави кавал“ ќе има и програма. Не проекти, клептомани едни непрокопсани, туку програма. Програмата значи дека граѓаните повторно мора да добијат заштита од институциите и тие да стојат помеѓу моќта и граѓанинот, тие да им бидат закрила, која законот ја предвидел за сите нас. Не вемереовска волја, како порано и директен контакт со граѓаните, туку со посредство на институција. Знаете која е разликата? Кога политичка моќ ќе се сретне со граѓанин, од него нема да остане ниту прашинка, или граѓанинот ќе мора да бара место во чмарот на вождот – трето нема. Мене Заев не ми треба оти е убав, туку за да ми ги врати УЈП, Катастар, Имотно – правни работи, суд, управен суд, локални тела... Засега, тие се дел од „проектот“ на Груевски, кој е сеуште на сила, а веројатно се вика „мафијашка гнасотија“.
Заради тоа, а и заради барем уште еден милион работи, кои на вемереовците нема да им се допаднат, терај премиере понатаму и батали скапаници со нивните настојувања да си трчал по проекти и да се сликаш на сечење ленти. Принципиелно направи си програми, сподели визија за иднината на државата, дај им ги тие како задачи на институциите, но прво „подзачисти ги“ од партиски морончишта и наводниците, кои длабоко ги вкопале во „месото на Македонија“ и не ставај исти такви недугави сончогледи и подлизурковци, оти од нив немаш корист. Направи и со институциите како што направи со владата – рецептот е добар. Попатно прегледај и од предизборните ветувања, нема да ти пиши учителката кец за препишување.
И последни совети за оваа колумна, можеби прости, ама добронамерни: не се занимавај со проекти. Тоа е работа на пониските ешалони и невладините организации. Проектите треба да доаѓаат од теренот, а министерствата само да оценуваат дали ќе ги финансираат и тоа на многу принципиелен начин, кој се нарекува „програма“. Не ставај во комисиите за одобрување на проекти лоповчишта – како што вемерето правеше, или тоа остави им го на министрите, оти ќе се изгубиш, како што се изгубија вемереовците. Моралот е светилникот, па терај накај светлото.
Ти си симбол и живеј како симбол. Фрлаш ептен дебела сенка, па откако ќе растераш од тоа криминалните здружувања по институциите, држи се настрана од нив и остави ги повторно да „пораснат“ од токсичниот гној на нашата кутра транзиција и организиран криминал со партиска заштита и поттик. Тимот ти е доволно силен, доволно учен, доволно лут на „скапаниците со проекти“, доволно „едуциран“ од минатата власт како не треба да се работи... Ти само остави ги да работат и одбери им државен обвинител, од кој ќе имаат страв, некој со блескава кариера, кому не му требаат „Сваровски“ лустери и сељачки кич за да се чувствува поголем и поважен, а мерцедесот од Грујо... пардон Гоца... изнајмувај го за свадби.


п.с. Најди некого, макар што типувам на „некоја“, која ја нервираат кич наводниците, пред која и ти самиот ќе се чувствуваш нелагодно. Верувај, со таков/таква нема да мораш да правиш скапи предизборни кампањи. Жими Катица, Фатиме и Ленче, ако те лажам.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено