Македонија под моминско име

Македонија под моминско име

Експертите досега не помогнаа. Ви треба незналица за прашањето за името? Тој сум. Македонија ќе го употребува моминското име: Бивша!
Јас врска немам од меѓународна политика и геостратегија, само паметам што сум чул.
Видов... Димитров беше убаво облечен. Кажа дека Македонија има нов лик, дека сака да се реши прашањето со името со „јужниот сосед“, може да влеземе во НАТО, па во ЕУ со сегашното „привремено“ моминско име и дека ништо друго не може да каже, оти ќе било штетно за „процесот“ (да не е малку трудна оваа момава?). Коѕијас беше исто така убаво облечен, додуша, не толку згоден колку Димитров, за „процесот“ не кажа ништо и рече дека му сметаат скулптурите на „северниот сосед“, тоа што крадеме грчка историја и дека убаво би било да се реши прашањето со името, но и не мора. Ако има ново име, тоа да било „сложено“, со географска одредница. Тој имаше спасоносен предлог да одиме во ОН, таму „да се договориме“ за „сложено име за севкупна употреба“, со кое Грција би била задоволна, па така, откако ќе го изгубиме она што веќе сме го добиле на планетарно ниво, да одиме да се зачленуваме во ЕУ и НАТО. План – бомбона: Откако младоженецот ќе ја помине момата, ќе му се јави желба да остане ерген.
Нашите експерти кажаа дека Грција не може да издржи долго да го блокира „процесот“, многу биле погодени од „пресудата“ и знаат дека ЕУ и НАТО се на наша страна. Други кажаа дека Грците биле добри „трговци“.
Како што мене ми изгледа, исто како да се договориле две пилиња, и јужното и северното, дека нема повеќе да се колваат меѓу себе, а дошле да разговараат да не какаат во дворот.
Не знаеме што „соколот“ мисли за пресудниот мир помеѓу пилињата, посебно заради тоа што и не видовме баш и некое „колвање“, но кажа дека до година Македонија ќе влезе во НАТО. Јас мислам дека „соколот“ има начин да ги убеди пилињата да престанат да какаат по дворот, оти бербат го сторија. Уште попрецизно, „соколот“ е веќе ужаснат од игрите, во кои пилињата нозе искршија да си помогнат едно – на друго, кога се работи за внатрешни прашања, гола власт и глумење непријателство на државите и пријателство на партиите, посебно во време на избори.
Добро е што Македонија нема други проблеми, па ќе го решаваме проблемот со името. Судството е веќе фантастично, каков што е впрочем и Зврле, корупцијата одма од 103% падна на бедни 1%, институциите веќе нема да бидат преполни партиски морончишта, оти ќе работат двократно, а може и Јани Макрадули да го искористи знаењето од физика и математика, па да смисли некои „сврзани садови“, за да добијат повеќе простор во канцелариите. Уште името остана... А, да. Остана и да се продаде мерцедесот на Груевски, пардон Гоца.
Ако се шегуваме, сега е вистински момент за решавање на прашањето со името. Еве веќе Македонија го „откочила“ процесот после две недели откако новата влада дојде на власт, без ниту еден сменет амбасадор, уште недојдено до поставување на „вториот ешалон“, со фантастична поддршка од 62 пратеници и со уште незацелени рани од крвавиот четврток.
Но, од каде тоа фантастично чувство за „нови позиции“ на Македонија? Да сте неуки како мене, ќе мислите дека од „решавањето“ на било што со додавка „надворешно“ мора да се пазите, посебно ако ви е дворот покакан, а сте повикале сватови.
Грците ги добија сите битки, на сите фронтови во овие 10 години. Јас гледам дека странците знаат дека прашањето за името за нас Македонците одамна е идентитетско прашање, што може да биде инструментализирано меѓународно кога и да посака Грција, нормално, со помош од вемерето. Гледам дека многу луѓе (претежно помлади) веруваат дека сме потомци на Ацко „коњаникот“, што ќе биде фантастичен проблем за во иднина и расадник за десничари – неранимајковци. Гледам дека вемерето и грчки партии имаат силен дил да го експлоатираат национализмот до крајот на светот и сведоци сме дека тоа го прават редовно, кога било кој од нив е „на кумплуг“. Тоа се „нови позиции“?
Гледам дека Македонија не била никогаш послаба внатрешно, поделена по сите основи, пред повеќе и скоро нерешливи предизвици, со срамна историја на изневерување на единствените две точки на општествениот капитал (НАТО и ЕУ), со јасни докази по улиците дека самите ние им дадовме „муниција“ на Грците да не пукаат каде и како сакаат...
Со каква внатрешна солидарност, сплотеност и решеност ќе настапиме меѓународно, за да го решиме прашањето со името во рамките на прифатливото ниво на достоинство? Говориме за реална политика на интереси, а постапувме емотивно, како деца во слаткарница – кидисуваат на секое слатко, а потоа проливче...
Ние сме толку слаби, што позициите на Македонија можат да бидат нарушени од вемерето и странските инсталации за секунда. Тоа се новите позиции?
Сепак, има нешто ново.
Во големите игри глупаците се добредојдени, па вемерето и нашите „пријатели“ помогнаа. Така, нашите „непријатели“, кои потрошија милијарди на надминување на нашата тупавост и да не се испоколеме меѓусебно во граѓанска војна, решија дека е доста играрии на неранимајковците, па нека се и јужни и северни, јужни – со поддршка од северни или „супер – северни“. Тоа е ново.
Дали Димитров и „незгодниот“ Грк ќе си прават муабети „округло, па на ќоше“, не е важно. Важно е дека меѓусебното „нафрлање топки“, кои балканските мативоди и диктатори ќе ги „забивале со глава“ пред избори, веќе не поминува и дека нема повеќе да биде дозволиво некаква си „Тиранска платформа“ правена во штабот на вемерето да предизвикува нестабилност на соседот, заради корист на криминалната врхушка, ниту тоа ќе се смета за галантонска услуга кон колегата – диктатор (можеби заради тоа се десничарите на власт). Тие „пилиња“, за тривијални домашни потреби за владеење и криминал, направија безбедносни проблеми и тука се заебаа: „Соколот“ виде дека немаат долна граница и дека за власт ќе направат се.
      Исто така слушнав, а можеби тоа само ми се стори, дека Прибе и компанија рекоа да си гледаме домашните работи, да најдеме начин СЈО да ја продолжи работата, да направиме специјално одделение, кое ќе постапува по кривичните од СЈО, да го инволвираме граѓанскиот сектор во процесот на носење одлуки и тоа што повеќе, да намалиме корупција, да зголемиме независност на институции, да департизираме, да децентрализираме и да направиме мерит системи насекаде, за да не се претвори ова наше „чекање на демократијата“ во чекање на новиот диктатор.
Ако прашате од пилињата – договарачи, ова одлучно ќе го негираат, подуплашени од неизвесноста дали „соколот“ знае нешто за нивните банкарски сметки.
      Прашање за името? Не мора.


Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено