Монтирана здравствена конструкција

Монтирана здравствена конструкција

Уште еднаш вемерето покажа дека е конструктивна опозиција. На Заев му смислија нова конструкција за подметнување. Како што излегува, Заев ништо друго не мора да работи, туку само да го слуша вемерето и далеку ќе стаса.

Што би рекол народот: Кој тргнал по бумбар, стасал на лепешка.

            Се што не им текна во единаесетте години власт, сега им текна, а плановите им се разработени до најситни детали. Не, не, не мислам на проектирањето на автопатиштата, каде не им текна дека земјиштето може да биде и приватно (тоа им го подметна СДСМ), дека по патот може да има и планини (тие Бог им ги подметна) и дека постои гравитација и земјата се лизга (тоа го смислил Исак Њутн, во координација со Сорос).
Најновите конструкции им се здравствени. Душички, знаат дека на вемерето многу лекување ќе му треба, па требало по 100 илјади денари месечно да им дадел Заев на лекарите, како минимална плата. Не дека не треба, но тоа да го предложи вемерето?
            Но, на кои тоа доктори? Уште ги има „на државно“? Истите тие вемереовци ги избркаа од јадното здравство со своите „проекти“. Не само со малите плати, не само со континуираните притисоци, не само со „учинокот“, кој е контра квалитетот, не само со купови папирологија, манипулации со лекови, хушкање едни против други, туку имаше и вистински „повици“ пациентите да ги тепаат, вреѓаат и омаловажуваат докторите. Но, добро е што им текна дека здравството е за лекување луѓе, а не за добивање гласови.
Не, не одете си, има уште. Вемерето ги направи сите потребни чекори за овој „проект“ да му успее на Заев. Најпрво, сета медицинска „опрема“, купена, но со години немонтирана, ќе ја продаде во старо железо или ќе ја донира на приватните клиники. Парите ќе ги донира на Заев, за да ги плати докторите. Заев може да ја монтира опремата - ако сака, или „да му ја монтираат“ од вемерето – како што му монтираат се друго, попатно да ги надокнади сите делови, кои беа извадени и продадени, да ги врати докторите од приватното здравство и од странство, да ги пре – реновира објектите, кои беа „реновирани“ од Тодоров, но не чинат, да обучи кадар, за да работи со тие „машини“ и да ги најде прирачниците и упатствата од пред 7 – 8 години, кога беа купени и со најголема помпа „монтирани“. Гледаме, монтирани биле само приказните, а опремата стоела во сандаците.
Но, вемерето има лек за се кога е во опозиција, како што немаше за ништо друго, освен за пропаганда, додека беше на власт. Тие, веројатно, контактирале со лекарските комори во Емиратите, Германија, Холандија и во скандинавските земји, овие да ги вратат сите наши лекари, кои си заминаа во нивно време. Втор „проект, веројатно, ќе биде медицинските браќа и останатиот болнички „персонал“, кои вемерето ги прими илјадници, да одат на обуки. Медицинските браќа и медицинските писарки ќе посетат курс за маникир, педикир, масажа и останати начини за угодување на докторите и докторките. Доста им караа мајки и жени и им се закануваа дека „ако не им се бендисува, можат да си одат во приватното здравство“ – што и го сторија.
Можеби имаат предвидено и нов закон за здравство, каде ќе стои дека патогени бактерии и бебиња не смеат да бидат во исти простории, а инспекторатите ќе можат да работат и кога немаат дозвола од Тодоров, што би рекле „самостојно“.
„Синдикатите“ ќе можат да говорат за проблемите, барем додека е СДСМ на власт, а после „ќе видат“ како што им одговара. После, не е проблем да им подметнат по некое илјадарче, за да ги затворат за земање мито. Ако не верувате, прашајте го Љубета и Дејанчо.
Планот ќе биде заокружен со задолженија за Заев, тој да ги поправи сите погрешни проекти во здравството, да ги реновира и/или заврши сите „вложувања“ на вемерето во здравството и да оствари се она што вемерето вети и не реализира. Секако, тоа не смеат да бидат заслуги на СДСМ, туку на вемерето, оти тие ги смислија (читај: украдоа) тие проекти. Ами како. СДСМ е веќе цели 20 дена на власт.
Само... останува да се најде будала за да тргне по бумбарот, кој вемереовската пропаганда ќе го прогласи за пеперутка или за фирма за „монтажа“ на медицинска опрема.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“