Илија наречен Жаклина

Илија наречен Жаклина

Од сигурни, но не најсигурни извори,  дознаваме дека вемереовците чекале потврди од психијатри и психолози дека имаат шизофренија – кој подвоена, кој тројна, кој мултиплицирана личност (така се викаше?). Заради што? Можеби за да формираат 40 пратенички групи, а можеби е тоа вистинската состојба на вемерето.
Просто, пратеникот / пратеничката носи потврда до парламентарниот спикер дека е подвоена личност, па имаме два пратеника: Едниот Илија, другата Жаклина. Илија е член на вемерето, пратеник и мизантроп, а Жаклина е од партијата на неизгазените цвеќиња и не пуши. Самиот факт дека носителот Илија е пратеник, и неа ја прави пратеничка. Си живеат едниот и другата во иста глава, во опозициона коалиција.  Кога патуваат одат во простор за непушачи.
Вториот – Крсто, носи потврда дека има тежок расцеп, па во него живеат еден куп „фантоми“. Едниот е пратеник, другиот работи како вратар во Парлементот, третата се одзива на името Тендерка и работи бизнис, четвртата е во обвинителството и асистентка му е на Зврле. Имало и петта и шеста личност, но не се претставувале пред психијатарот, оти можеле да бидат препознаени како „НЛ“ од некои кривични пријави.
            Главно, Крсто може сам да формира пратеничка група, со неодреден број членови, колку што носителот Крсто има интереси. Илија и Крсто се и пратеници и пратенички, во исто време. Голем дел од вемереовските пратеници се јавуваат и во многу други ликови, за кои СЈО многу истражува и ги дефинира преку кривични пријави. Немаат право на два гласа, затоа што се едно тело и две раце, но тоа не ги спречува да бидат повеќемина, барем пред Талат. Илија, односно Жаклина, веќе се жалела дека Талат и прави сексуални алузии и се плаши од мобинг.
            Но, од не најсигурни извори дознаваме, дека имало проблеми во здравствените установи со прегледите. Имено, Илија имал здравствено осигурување, но Жаклина не, па таа морала да оди „на приватно“. Попатно, Илија морал и на гинеколог (така оди тоа по закон: крв, мокрача, психијатар, гинеколог, ЕКГ). За Крсто тоа не било проблем, затоа што тој немал долна граница. Исто така најголемиот број од вемереовците немале долна граница, па не им било проблем да одат на гинеколог. Додуша пратеничките, посебно една, која се нарекувала Даниела, имала проблеми со полнење на шишенцата со мокрача - од стоење, како што им приличи на мажите, затоа што во неа живееле уште еден куп „потстанари“, па морала да наполни уште 6 шишенца. Навистина, ако се погледне историјата на оваа пратеничка, може да се забележи дека не се работи само за една личност. За жал, таа можела да формира само една пратеничка група, иако е полна со ликови.
            Како и да е, целата јавност доби објаснување, кое долго време беше енигма за јавноста, како еден вемереовец може да биде час земјоделец, час административец, час невладин припадник, час бранител, час насилник, час примерен протестант, час криминалец, час жртва, час мафијаш... Тоа да ти било до шизофренијата, а не до најнискиот опортунизам на вемерето, кое не може, а да не се спореди со шизофренија.
Дека тоа е така, има јасни докази. Такви се сознанијата, за кои и СЈО бил запознат, дека сите овие и многу други шизофреничари добивале по повеќе лични карти од МВР, зависно од тоа колку личности има во нив. Расцепот им бил толку голем, што еден од нив, во центарот на Скопје, се пријавувал под 40 различни имиња и презимиња на иста адреса на предминатите парламентарни избори. Не се знае како – кој гласал од нив, но еден психијатар тврдеше дека се сите тие ликови на Илија, односно Жаклина.



Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“