Нема повеќе сиромаштија

Нема повеќе сиромаштија

Бизнис му е мајката, ама не како што кажува Анѓушев или Витанов. Формулата ја добивме лично од Грујо. Не, не мислеше на нови скулптури, стиропор и панорамски тркала.
Отвораме бизнис, за кој имаме најсилни и неограничени ресурси: Ќе извезуваме преживарски муабети!!!
Лесен бизнис. Седнуваш во кафеана и слушаш преживање: „И јас му велам на Заев, море брат, вака не ја бива и... дрн, дрн, дрн“... до сто едно и назад. Одиш во партија, а таму во муабет: „Кога му велев на Грујо дека ќе губиме, не ми веруваше.... дрн, дрн, дрн“. Пушташ „ТВ Кочан“ и слушаш од Грујо дека му велел на Бранко: „море Бланко, ај да купиме некое авионче, па ќе си летаме, сакаме на либа во Глција, сакаме до Блисел... дрн, дрн, дрн“... Дека тој не бил воопшто присутен на тоа патување – никому ништо. Тој не муабети, туку прежива. Преживање во боја. Барем да беше на радио, а не на телевизија. Дека трошеле милиони евра на глупости цели 11 години, не е важно. 11 години на власт? ВМРО никогаш не бил на власт, оти така зборувате? Како попладневно преживање на кравите, си муабетиш – колку да муабетиш, никој не ти верува, испаѓаш смешен, а ти си мислиш „запалило“. Прав фолклор и говедарство.
Нема да треба големо вложување.
Прво, репроматеријал: Преживари – колку сакаш.  10.000 партиски „муабетчии“. Најдобро е да „ги молзеш“ после партиска инструктажа или после прес конференција (свежо си е свежо). Принос по 30 килограми на „грло“ - минимум, еднакво на 300 илјади килограми на ден. Право во цистерни, и на пакување. Од кило пакуваме 100 шишенца по 10 грама – вкупно 10 милиони на ден. По 10 евра од шише, ете ти сто милиони евра.
Име? „Грујо – небулозин“ е најсоодветно.
Има бизнисот и нијанси. На пример, во какви шопови да се продава?
По аптеки,  се разбира - не се ова домати!
Потоа пазар! На „ограничените“ Скандинавци, Германци, Холанѓани и Американци животот им е толку едноличен, неинтересен, реален. Не сфаќам како воопшто живеат. Таму никој не се фали дека му давал совети на Клинтон, дека имал вести „од највисоко ниво“ дека Америка ќе ја нападне Србија, дека државниот секретар ги слуша неговите совети. Зошто, до бога, никој не кажува дека трча наутро со Трамп и заедно „ги мочаат“ кучињата? Некреативни се тие од западот. Тие врска немаат од лажење и преживање, од менување на приказните по пет пати на ден, од преуваличување, од спинување, на кое никој не ти верува, а народот прашува: „што му е на овој преживаров, заборави до вчера што правеше“?
Како кај кравите: Џвакаат од изџваканото.
А „производот“? Производот има да биде хит, но рекламата е најважна. Земаме манекенки и манекенски типови како Мукоски, да рецитираат текст на рекламата: Се чувствувате глупаво? Сакате да постигнете автолегендаризација? Сакате да си го менувате минатото? Сакате да лажете дека сте биле некаде – каде не сте биле? Нема проблем! Лекот е: преживарски муабети. Само една доза на ден и ќе пролупате. Ќе добиете суперменска способност за заборавање, поврзување неповрзани работи, неважното ќе го правите важно, ќе лажете – ќе сушите, ќе можете да плачете и повраќате во исто време и сето тоа со невидена сериозност. Истовремено нема да има опасност дека некој ќе ве сфати сериозно. Преживарски муабети! Купете веднаш! Ако се јавите во следните два часа ви следува прирачник како да бидете бивш дечко на Иванка Трамп, Меркел и на сите сестри Кардашијан. За жените, кои ќе се јават најбргу има посебна понуда од совети како да преживаат дека им се удварал Џејмс Бонд и Папата.
Нема повеќе сиромаштија. Гледате, до мозокот е. Треба да ти текне.  Ако не ти текнува гледај и слушај. Гледај соопштенија од вемерето, на пример. Автопатот бил граден на свлечиште, но за тоа е виновен Сугаре, оти го открил тоа. Телохранителите јаделе по 500 евра на ден, но за тоа е виновен Заев, оти многу ги нервирал, па овие јаделе на нервна база. Армијата немала чизми, но за тоа е крива Царовска, оти не ги внела војниците во листата на приматели на социјална помош. Срам да им е, цел месец се на власт и уште не го вратиле долгот на Груевски. За цел месец ниту 200 милиони евра не се заборчија. И тоа ми била влада. Само Камбо го погодија и за жал, не со скапан домат.
Затоа, оваа влада нема избор, освен да го земе Груевски како проект – координатор за преживарски муабети. После преживарската уметност, рушењето на Космос и 5 - те милијарди, за него нема граница. Нема тој ниту алтернатива, ниту замена. Кој друг може да биде лидер на партија, а секојдневно да го фаќаат во лага? Кој друг може да смисли дека некој друг му се посрал во гаќите? Ете таквите преживари се иднината на Македонија, за да станеме извозно ориентирана земја. Нема секој талент за тоа. Еве, видете го Влатко Ѓорчев како изгуби талент за преживарско муабетење. Стана вистински Скандинавец. Или Канал 5. Нема повеќе преживарски теории на заговор. Го изгубија „производот“.
Грујо и неговите преживари – порт пароли останаа на браникот на преживарството. Затоа, Заев треба да „го голтне срамот“ и да му појде на Грујо и да го замоли да ги собере десетте илјади грла (стоте илјади по вемереовски) од оние што не газеа цвеќиња, да им направи митинг и да ги пушти да преживаат, под водство на „врвните преживари“, кои секоја вечер ги гледаме како портпароли на вемерето. И онака сите им се смеат на соопштенијата, не разбирајќи дека тука е потенцијалот за бизнис.
Одма треба Тевдовски да најде пари за стимулација на „грлата преживари“, односно да инвестира во онаа улавана да им говори за кратки и долги ножеви, во другата - збесната за гумени кур-шуми, за да направи (да изглуми) јавна перформанса со гума и пластика, а Жане да им направи пасторална перформанса со крави, кои пасат трева со боја на македонското знаме. Тогаш би имале екстра принос по „грло“, па дури и длабоко грло.
Попатно, СДСМ треба да му се извини на Грујо што го прават лопов, а тој кутриот си е само преживар.

Вие од медиумите давајте ги повеќе тоа „портпаролите – преживари“ од вемерето, за да се јават сите останати преживари од тоа селата под Сетинци, Попадинци и Свирипичино.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“