Будење или бладање

Будење или бладање

Следната кампања на вемерето ќе се викала „Стоп за купување носач на авиони“ и ќе го разбудувала народот дека на Македонија не и е потребен носач на авиони, кој владата на Заев сакала да го купи – одма после локалните избори. Не само заради носачот, туку што немаме море – барем засега, иако го има во картата на Голема Македонија, пред која беседеше наш дипломатски званичник во Канада, од вемерето. Па што! Нема ниту бегалци, па се потпишува да не им се градат станови. Што има врска што планот за градење станови за бегалци го донесе вемерето, кога беше на власт. Ако не се протестира, што би правел просечен вемереовец. Да не им беше страв, ќе урлаа по кафеани против Заев, ама вака е незгодно, кога полицијата и јавниот обвинител не те штитат. Ах, нема повеќе париња за прејадување, картици за гориво за возење со швалерките и службени картици за приватни потреби. Мора да се тепа времето некако.
Но, јас се замуабетив. Да се вратиме на носачот. Само така, со дваесет милијарди долари скапиот носач на авиони, ќе можел да се покрие срамот на вемерето од пола милион евра мерцедеси, прејадувања на наша сметка, Сваровски судии, дивеење по институциите, линч во Парламентот, Скопје 2014 – та, заташкувања убиства, полиција пуштена „да гори“ во Куманово и што уште не, од бедната малоумна криминална кујна на вемерето.
Не се тие виновни. Виновен е Заев, оти не им дава „материјал“ за нешто реално и сериозно за блатење и сеир. Ај што постави луѓе без криминално минато, ај што за се има консултации со експерти и граѓанскиот живот, ај што не организира демонстрации пред штабот на вемерето, сето тоа може да му се прости. Но, да нема ниту една глупава изјава, ниту еден машала лоповлук, ниту една лага со рогови на која ќе се насмееме и ќе си речеме: „тоа е тоа –македончето не го бидува“. Што мисли овој Заев, дека е Британец? Знае ли тој Заев дека ни го ускратува најдоброто од Македонија: дебилната глупавост, која не тера да излеземе од дома и да појдеме во кафеана на драпање. Вака не го бива. Вратете ја глупердана или барем нека излегува Хорхе почесто да дава изјави.
За среќа, тука ни е вемерето (сеуште).
Излегуваш на плоштад, кога таму штандче – опа! На штандчето писание: „Будење“. Машала. Нема зијан од будење, си знам по децата. Ама, разбудени само неколку партијци и новинари. Да не им оди Заев да им ги расипува будилниците? И порано Бранко му влегуваше на Хорхе низ прозорци и му потпишуваше документи. Познати се тие есдеесовците по специјални командоски вештини.
Препознатливи вемереовски фаци,„од поголемите“, се штуткаат околу штандчето, по сто пати на ден потпишуваат нешто, се тетурават како пијани лево – десно, ги „ловат“ мртвите галеби на досадата и безидејноста, кои им летаат над главата и жалат што не го убија Заев на 27 – ми. Мислам... не тие, туку српските обавештајци – уфрлени во „Патриотите“, кои не газат цвеќиња. Траорот им го прекинува по некоја камера и репортерката, која по десет пати ги враќа, оти не знаат да кажат заради што потпишуваат.
А и ова бегалциве се расипани. На вемерето им идеа масовно, а сега ги нема ниту за лек. Грујо и законче им спреми, во кое станчиња ќе им правел. Не што ќе им правел, туку веќе беа договорени и „бетонирани“ со договор. Ама... откажаа тоа беалците. Чуле за нашата држава и стандард, па со пиштол не можеш да ги натераш да дојдат во Македонија – издајници на македонската кауза. Го изневерија Грујо, кој планираше и државјанство да им даде, но тие на тоа се искинале од смеење и му вратиле дека полесно е со боевите гасови, отколку со партиските газови. И тие таму ги имале, но барем разликувале „будење“ од „бладање“. Тоа за вемерето е сеуште мисловна именка, па Заев ќе мора малку да се потруди да ги спаси, оти и ним им е Премиер.

Не дека сум најпаметен, но имам предлог. Нека направи вака: Будење од полицијата во зорите, а потоа бладање во слободен стил на незгодни прашања од инспекторите. Вемереовците навистина мораат да се разбудат од 11 годишниот манипулативен сон, оти кога нема „будење“, има „бладање“. 

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“