И новите ќе крадат! Па, што дека?!

И новите ќе крадат! Па, што дека?

Се плашам дека напорот да им застанеме на патот на криминалот и корупцијата ќе ни пропадне и со новата Влада. Го следам превладувачкото расположение за промена на власта и на локално ниво, на мнозинството граѓани им е преку глава од старо-новите кадри на вмровската Фамилија низ разните градски и селски средини во Македонија, но истовремено – иако без намера да тврдам дека имам детален увид во состојбите – гледам и како целиот „сектор“ на локалниот криминал и корупција (тендерашите, градежната мафија, кафеанските профитери, транспортерите, експертите за бирократските процедури итн.) се подготвува само да ги „превземе“ новите градоначалници и новите општински управи и веднаш да ги стави во „машината“ на наместените јавни набавки за улици и тротоари, за измислени градежни маркички, за „скриени поткровја“, за транспортот на ученици, за греење на општинските згради или за долгите софри по локалните кафеани. А и некои од кандидативе се за машала: уште кампањата за нови градоначалници и советници непочната, веќе се испоседнати по штапските биртии каде се утврдуваат процентите за кубиците и квадратните метри на „обновата“ што ќе ја ветуваат во изборната трка. „Еми, нели треба да има живот за сите?! Нам ни е редот!“, ми вели еден градежник, симпатизер на СДСМ.
Но, не е проблемот само во партиските кадри и политичарите. Мислам дека уште поголем проблем е оној на широката јавност: во Македонија мнозинството граѓани смета дека корупцијата е „нормален“ дел од владеењето, особено на локално ниво. Минатата година една анкета на прилепската невладина организација АГТИС – а и вчера промовираната анкета на Телма/МЦМС, на посреден начин – јасно покажа дека луѓето како да се помирени со тоа дека секоја власт краде, дури значаен процент од населението би ги сметало градоначалниците и за будали ако не се етаблираат за шефови на локалната корупција – проблем им е само дали (ќе) се краде без усул и како, евентуално, и тие да го бркнат прстот во таа тегла со општински џем. Макар некој нивни братучед, зет за сестра, внука…
Со други зборови, корупцијата ни е веќе дел од менталитетот, од нашата широко распространета културно-политичка матрица. Можеби е дојдено време корупцијата да ја озакониме, да предвидиме данок за неа, а потоа да оставиме пазарот да ги регулира и тие односи… Па, да направиме и гугл-мапа на Скопје, на пример, на кафеаните каде, додека го пишувам овој текст, се договараат корупциите: да си знаат граѓанинот во кое бифе се решаваат предметите на Министерство за транспорт, на Градскиот катастар, на општинските градежни инспекции и сл. Може и мобилна апликација да се направи, за да не се губи време.
Затоа, еве однапред еден предизвик за новата власт: Ајде да видиме кој (и дали, кога?) ќе биде првиот уапсен градоначалник по локалните избори заради криминал и корупција? На Заев барем таа градоначалничка проблематика му е кристално јасна, па можеби е ред од тоа, локално ниво да започне нашата антикорупциска менталитетска преродба. Ако тоа не почнеме да го менуваме, џабе ни се нови градоначалници, бидејќи на старите барем се навикнавме.

Сашо Орданоски

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“