ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ - Нова „изборна“ парадигма за „сто години самотија“

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ - Нова „изборна“ парадигма за „сто години самотија“



Бардул Заими
Во „вечната“ транзиција, која сè уште трае и која се детерминира со низа турбулентни ситуации, граѓаните како суштинска димензија на општеството како целина, живеат во два парадоксални света. Едниот свет е тој реалниот, допирливиот свет, кој знае да биде брутален со својата неможност за афирмација на најубавото од човечката димензија, а вториот е тој надреалниот, кој доаѓа како сон, периодичен, преку политички инженеринг, преку идеолошката матрица, од страна на центрите на политичката моќ.


Овој комбиниран, реален и надреален свет, најдобро може да се илустрира со големата метафора од романот на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, „Сто години самотија“, каде не може да се препознае реалното од нереалното, каде се измешани реалноста и имагинарниот свет. Се случуваат чудни нешта, парадоксални, несфатливи за нормалниот човечки ум.



Недвосмислено, политичкиот плурализам е суштинска димензија на демократијата како простор на човечкото битие, како непрекината дебата околу човековата судбина, неговата слобода и самоафирмација. Но, во нашиот регион, „тамо доле на Балканот“, како што вели во својата книга „Имагинарен Балкан“ авторката Марија Тодорова, нештата се случуваат како во една надреалистичка приказна. Во ова приказна, секако дека Македонија не е исклучок. 



Освен секојдневниот живот, кој во овие последни 15 години се идентификува со оваа надреалност, стимулирана од класичната идеолошка пропаганда, изборите се приказна сама по себе. И во овој период, на најбрутален начин, кон граѓаните се пристапува како кон толпа, на која ѝ е потребно перење на мозок, уништување на индивидуата, неговата политичка и општествена свест, како суштинска димензија на демократскиот живот. 



Ова време, создаваше невидена концентрација на политичка моќ, со која одредени елити ја апсорбираа индивидуата, изборот, достоинството, преку една структурирана машинерија на освојување.



Со ова демократијата остануваше празна, без својот лик, без своите динамики, без човекот, (индивидуата) кој би требало да го димензионира своето политичко постоење, базирајќи се на еден систем на вредности и на свеста за политичката судбина за прогрес.



Изборите, досега, беа големата фарса на оваа општо-прифатлива доминација на идеолошката моќ, на сеприсуството на тоталитаризамот и авторитаризамот кој се хранеше со државни пари, со злоупотреба на јавни ресурси, и со низа други методи, со кои, директно се вршеше притисок за добивање гласови и власт. Да, секако, во вакви ситуации, од страна на спин-докторите и ПР - „стручњаците“ се негуваа и тие големи наративи, т.е. големо национални нарации, со кои го мобилизираа електоратот, луѓето, тие „безнадежни“ луѓе, кои беа принудени да веруваат во идеолошките приказни, во тие етнички антагонизми, кои беа произведени во темните центри на моќ.



Сега сме пред локалните избори а инерцијата од ваков вид пропаганда на перење мозок, на еден вид граѓанска еклипса, е сè уште присутна. Иако, но локално ниво, сепак политичката манипулација може да се идентификува преку создавање на еден вид надреалност, која не одговара на природата и суштината на локалната власт, која е, пред сè, граѓанска власт и најконкретен простор за уживување на демократските вредности.



Се идентификуваат идеи, ветувања, со кои политичките партии, преку „мега-проекти“ сакаат да освојат гласови, без да се води сметка за нивната реализација. Демонизацијата на политичкиот противник, исто така, е еден аспект на политичката „војна“, со која партиите сакаат да поентираат. 



Сепак, во споредба со претходните избори, изгледа дека, барем досега, оваа кампања ќе биде порелаксирана, во смисла на политичката конкуренција и на послободното изразување на политичките понуди за граѓаните. Идеолошката манипулација со неостварливи ветувања, засега, е присутна, но, по сè изгледа, граѓаните сè повеќе се свесни за ваквите изборни трикови и за општата рамка што ја нуди локалната власт.



Луѓето полека се будат. Тие почнаа да ја препознаваат пропагандата, спинот, голо-националните наративи на поделби и измами. Сè повеќе се отвора темата за фискалната децентрализација, која би требало да биде новата европска парадигма за консолидација на локалната власт, за кохерентен развој и за обликување на еден поквалитетен развој на локално ниво. 



Од ова гледиште, кое го означува макотрпниот пат за демократска афирмација и за длабоко дефинирање на политичката димензија на власта, како сервис на граѓаните, произлегуваат и големите пораки за граѓаните, како главни актери на политичкиот и општествен живот. 



Помеѓу реалноста, како политичка и демократска еволуција на вредности и големите идеолошки нарации на идеолошката моќ, стојат граѓаните, како креативни рецепиенти на вистинските политички стремежи. Тие почнаа да идентификуваат што е реално и што е надреално, што е „приказна“ за освојување, за апсорбирање како толпа, и што е свест како акт и како однос со политичката реалност. 



Граѓаните почнаа да ја препознаваат крајната идеолошка манипулација само за политичка моќ и реалната политичка понуда, која се базира на конкретни проекти, во интерес на сите. Тие започнаа да ги препознаваат реалните проекти, од манипулативните „соништа“, што ги нудаат како политичка платформа, преку веќе познатите спин-трикови. 



Тоа што е важно на овие избори, е одбивањето на уцените, продажбата на гласот и други форми на притисок, кои извираат од некој вид институционална зависност, која ја детерминираат политичките партии. Граѓаните треба самостојно, со изграден став кон политичките понуди, да го бранат своето граѓанство достоинство, своето слободно битие, своето право, и свесно да избираат свој претставник за добро владеење на локално ниво, со сите предиспозиции на политичка и граѓанска слобода.



Време е да се излезе од долгата политичка самотија, од политичкиот тоталитаризам кој, досега, граѓаните ги третираше како толпа, како бројка, како машинерија за гласање или како суштества, кои лесно може да се измамат.



Време е да се излезе надвор од волшебниот круг на толпата и измамата, и да почне да се создава конкретниот политички и демократски простор на граѓанското достоинство.



(Текстот е дел од проектот „Чекајќи го новиот диктатор“, финансиран од НЕД. Ставовите изразени во написот се ставови на авторот и нужно не го рефлектираат мислењето на НЕД)

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“