ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Беса Арифи
Локалните избори се многу важен настан. Граѓаните одлучуваат кој ќе ги води нивните општини, како единици на локалните самоуправи, во кои тие директно го спроведуваат своето право на глас, како носители на суверенитетот, според Уставот и законите на РМ.
Во предизборните кампањи, за локалните избори, се кажуваат многу работи. Кандидатите се натпреваруваат меѓу себе кој ќе вети најмногу, кој ќе фасцинира со понуди за нови решенија за старите проблеми, кои долго време остануваат нерешени. Предизборните дебати понекогаш личат на аукции, во кои граѓаните-гласачи треба да определат која од презентираните идеи ќе се „продава“ најдобро, со најголем број добиени гласови. Некои идеи доаѓаат и во 3Д пакување, кои ги прават да изгледаат особено привлечни. 

Кој не би сакал да живее во такви општини, во кои сите негови проблеми би исчезнале, како со магичен стап, без притоа да се мисли многу како тоа ќе се направи, со која волја, со каква помош и, што е најважно, со кои пари? Градовите презентирани во предизборните кампањи на политичарите личат на најмодерните европски градови, кои ги имаат решено сите суштински проблеми и смело чекорат во суреалната научно-фантастична иднина. Селата - презентирани во тие кампањи, исто така се олицетворение на места, каде што идилично се живее и сите проблеми на жителите се решени. Без многу објаснување кој, како и на кој начин тоа ќе го направи.

Затоа, би било добро да се воведе еден основен тест за идентификување на лажните предизборни ветувања, кој би им помогнал на гласачите да одлучат што од тоа - што го слушаат е реално, а што имагинација.
Тестот се состои од пет клучни прашања:
1. Дали предизборното ветување е вистинито?
 

Повеќето предизборни ветувања паѓаат во вода уште на ова прво прашање. Граѓаните многу лесно може да одлучат дали нешто, што се ветува од нивните политичари, е вистинито или лажно. Тоа најлесно се прави со оценување на досегашното поведение на политичарите, кои биле на власт. Доколку истите покажале видлива волја да решат еден проблем, и тоа го постигнале до одредено ниво, тоа е знак дека тие сакаат да работат во тој правец и дека ветувањето, кое почнало да се исполнува, или, се исполнило во минатото, може да продолжи да се исполнува и во иднина, со уште поодлучни чекори. За тие кои не биле носители на локална власт, а сепак биле претходно активни во политиката, важно е да се види нивното досегашно поведение и колку веродостојни, упорни и одлучни биле во исполнувањето на кажаниот збор, како и во нивниот ангажман да учествуваат директно во општествените промени.

Во минатите години, во оваа држава, видовме многу работи и можевме слободно да оцениме кој - што правеше и каков придонес дал во општото демократизирање на секојдневието.Понатаму, граѓаните многу лесно може да воочат дали настапува нова ера, или се повторува старата. Впрочем, тешко е да се каже дека вистински би започнала нова ера, кога ништо од старата, не е променето. Каква би била таа нова ера, која треба да ни ја донесат „вратарите“ на претходното владеење, кое нè донесе на работ на граѓанска војна и од која, едвај како општество, спасивме жива глава?! Тоа нè доведува до второто суштинско прашање на овој неформален тест:


2. Дали предизборното ветување е можно?


Имено, можеби давателот на ветувањето, навистина сака да настапи нова ера, во која ние ќе живееме во општини, во кои ќе ги нема нашите суштински и секојдневни проблеми: во идилична атмосфера, во која ние шетаме беспрекорно во парковите на новите населби, кои треба да се изградат, а каде што, впрочем, може и да пливаме во некој од неколкуте базени, да ги носиме децата во државни училишта, кои ги исполнуваат сите европски стандарди, потоа, да се возиме со автобуси, кои имаат ниска емисија на гасови, или пак се потполно електрични, и да дишеме чист воздух, благодарение на фабриките за рециклирање, кои работат без престан и, попатно, ни овозможуваат и греење. Мислам дека граѓаните се освестени до сега и виделе премногу од овие ветувања, за да ги сметаат за „реалност“. Затоа, вистинското прашање, кое треба да се постави на политичарите - кандидати за челници на локалната власт, не е што тие ќе направат, туку, како тие ќе го направат тоа. Во реалност, во која власта е прилично централизирана, па, општините не можат ни автобуси да добијат, ни училишта да реновираат без пари од централната власт, тешко е да се реализираат повеќето од предизборните ветувања, кои убаво звучат, но тешко се спроведуваат.
 

3. Дали предизборното ветување е праведно за сите?

Третото важно прашање на овој мини тест е праведноста за сите граѓани. Повеќето политичари се склони на тоа да носат решенија, кои се селективно праведни и се однесуваат само на одредена категорија граѓани. Тука највидливи се ситуациите во кои кандидатите, кои го добиле мнозинството гласови, работат исклучиво за интересите на тоа мнозинство, спроведувајќи ги дури и ветувањата кои може да се исполнат на селективен начин, без да ги земат предвид интересите на сите граѓани.


4. Дали предизборното ветување ќе изгради добра волја и добро пријателство?


Ова е меѓу најважните прашања, кои бараат конкретен и видлив одговор. Имено, добрата волја и пријателството не се гради преку кажување некој збор на албански, или на некој друг јазик, кој се употребува во Македонија. Добра волја е кога сте градоначалник на еден поделен град како Скопје, да покажете дека сите делови од тој град ви се важни. Добра волја е да се потрудите, барем, да почнат да заличат на урбани средини населбите на градот, кој го водите, а не да се преправате дека дел од нив, едноставно, не постојат. Градењето пријателство не почнува со предизборен политички маркетинг - изведен на повеќе локални јазици, туку со искажан јасен став дека граѓаните се еднакви. Градењето пријателство не е можно од страна на субјекти, кои упорно работеле на поделбата меѓу граѓаните и кои своите гласачи уште ги плашат со „опасноста“ која доаѓа од нивните сограѓани. Градењето пријателство и инклузивноста на сите граѓани во одлучувањето е важна работа, која граѓаните сами ја чувствуваат и ја гледаат.

5. Дали предизборното ветување ќе биде поволно, корисно и профитабилно за сите?

Политичарите мора да докажат дека нивната работа ќе биде корисна, поволна и профитабилна за сите, а не за нивниот сопствен џеб. После сите овие години, доста ни е на сите од украдени пари на граѓаните, за кои никој не одговара, доста ни е од криминал и урбана мафија, доста ни е од нечие збогатување преку нашето осиромашување. Граѓанинот може да разбере кога ветувањата не се исполнуваат, заради фактот што се невозможни, преценети на почетокот на политичките кампањи и недоволно прецизно анализирани. Меѓутоа, тие не можат континуирано да простат криминал, направен во нивно име.

Политичарите често ги третираат граѓаните како недоволно разумни да ги разберат нивните трикови и да ја проценат нивната вистинска волја. Таквата процена не е многу тешко да се направи и секој граѓанин тоа си го должи самиот - себе и на своите потомци. Тие што ги избираме да нè водат се најдобро огледало на тоа што сакаме да бидеме. А тие што сакаат да го купуваат нашиот глас со ситни услуги, или пак едноставно, со пари, тие не заслужуваат никаква власт, затоа што нè третираат како објекти, кои се на продажба. Најопасна работа е да се продаде гласот за ситни пари, кои, во одредениот момент, може да изгледаат многу и да создадат впечаток дека решаваат некој проблем. Секој треба да биде многу свесен за последиците што таа „купопродажба“ ги има за неговата иднина и за сите нас.
(Текстот е дел од проектот „Чекајќи го новиот диктатор“, финансиран од НЕД. Ставовите изразени во написот се ставови на авторот и нужно не го рефлектираат мислењето на НЕД)

Comments

Popular posts from this blog

Илија наречен Жаклина

Расцеп

Сијамска тројка