ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Долго патување во ноќта

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Долго патување во ноќта

Сашо Орданоски

Памтам, пред многу години, во Форум – Центарот за стратегиски истражувања и документација, невладината организација којашто деновиве прослави 20 години од своето постоење, одржувавме обуки за странските изборни посматрачи во Македонија. Ги учевме како да препознаат некои од десетината начини со кои во тоа време се крадеа избори на Балканот. Им ги објаснувавме методите на „Бугарскиот воз“, на фалсификувањето изборни документи, на купувањето гласови, групните гласања, разните притисоци врз гласачите и манипулациите со изборните списоци, изборните ливчиња, записниците и што уште не. Не дека странскиве набљудувачи не знаеја за што станува збор – меѓу нив ретко кога ќе најдете и некој случајно заталкан на изборна „прошетка“ низ Македонија – но секогаш им беше занимливо да слушнат примери, да видат практични методи, да споредат некои од илустрациите со кои ги поткрепувавме нашите наоди со нивните искуства.

Во меѓувреме, многу работи се променија во Македонија. На полошо. Главно: пред петнаесетина години, кога имало изборни нерегуларности, секогаш доверливи кругови во ПАРТИИТЕ беа тие кои, со одредено замижување или лимитирана „помош“ од државата, го искривуваа изборниот процес и, во различна мера, кршеа разни изборни правила за кои, и тогаш, постоеја законски санкции; во изминатите десетина години, пак, видовме дека самата ДРЖАВА и нејзините ИНСТИТУЦИИ биле предводници и главни изведувачи на изборните нерегуларности, со „индустриско“ ниво на злоупотребите и со помошна улога на самите партии.

Некому ова можеби му се чини како исто – но, не е! Разликата е огромна: во капацитетите, во потрошените пари, во обемот на злоупотребите, во бројот на оние кои се замешани, но и во последиците. Се разбира дека ниту едно „местење“ на избори не е прифатливо, но кога тоа го прави државата, наместо само поединци во партиите (и оние кои во дадениот момент се на власт и оние од опозицијата), изборниот систем темелно е компромитиран, во сите негови статусни, регулаторни и контролни димензии. Во тој случај не се руши само изборниот процес, па дури не само и демократијата како систем на владеење, туку и самата држава! Уште пострашно: на тој начин изборните нерегуларности се легитимираат како општа политичка култура, стануваат дел од менталитетот на луѓето. Е, за тоа, ви требаат цели нови генерации за да се обидете да го искорените.

Тоа е состојбата во која, до локалниве избори во 2017 година, се најде Македонија. Беа компромитирани сите важни институционални и општествени механизми за спроведување фер и легални избори. На пример, како резултат на долгите години инвестирани во лични интереси и големи суми проневерени пари, буквално се распадна целиот медиумски систем во државата кој на секои избори треба да обезбеди избалансирано и релевантно известување и контрола во изборниот процес. Масивните еднострани известувања (почнувајќи од МРТВ, па надолу!), производството на лажни вести, постојаните клеветења и навреди, но и укинувањето на дебатата како клучен механизам за испорака на спротивставени визии и вредности до гласачите – придонесе за ширење инфромативни политички хистерии кои доведоа до крвави настани чии последици, за среќа, имаа ограничен ефект. Истото се случи и со целиот државен контролен апарат кој требаше да се грижи за легалноста и легитимитетот на изборниот процес: полицијата и други клучни министерства, на чело со своите врвни раководни кадри, беа вмешани во злоупотреби на институциите кои надминуваат и некои очекувани недемократски рамки во одередни африкански земји.

Со промената на власта во 2017 година, сега доаѓаме во ситуација, после многу поминати изборни циклуси, да инсистираме државата да е НЕУТРАЛЕН фактор во изборите, а да го имаме само тоа задоволство да се занимаваме со предизборните политички манипулации на партиите и на нивните кандидати за градоначалници во локалната самоуправа. Се разбира дека сме далеку од идеалот за тоа како треба да изгледаат едни демократски избори во цивилизирано, европско општество, но оваа промена во нашето изборно искуство е важен чекор на патот кон функционалниот, правно заснован демократски систем кон кој треба да се стремиме.
Македонската демократија во последните 27 години можеби би можела најточно да се опише со метафората дека се работи за едно долго патување во ноќта, но зората, за првпат после многу години, како да почнува да ги покажува своите први утрински мугри. Па, нека победи оној кој навистина ќе ја добие најголемата поддршка од граѓаните – кој и да е тој!

(Текстот е дел од проектот „Чекајќи го новиот диктатор“, финансиран од НЕД. Ставовите изразени во написот се ставови на авторот и нужно не го рефлектираат мислењето на НЕД)

Comments

Popular posts from this blog

Илија наречен Жаклина

Расцеп

Сијамска тројка