Како да убиеш човек во 100 лекции (2)

Како да убиеш човек во 100 лекции (2)

Без повторување на првата лекција, одиме на втората. Оваа лекција е многу важна и може да ви помогне да се искапете, кога ќе врне дожд (што и да направите – исто ви се фаќа).

Посебен вид убиства се специјалните. Тие се вршат во специјални прилики (како само ми текна?), како што се партиски прослави и секој друг настан, на кој човек може да направи мајмун од себе и „да си пука“ во стомакот, оти куршумот не делува на празни глави (мозокот кај некои не е витален орган). Да се убиеш од прејадување и препивањето не е исто. Едното е самоубиство од страст, а другото е самоубиство од глупост (лага е мислењето дека е тоа „совест“). Имено, човек никогаш не е признат од другите, па кај (скоро) секого постои желба „да му каже нешто искрено на шефот“, но тоа не се случува во трезна состојба. Затоа, неколку чашиња лоша и евтина ракија – каква што се служи по моронските чествувања (алкохол за гости) и добиваш порив на „оној лигушот“ да му кажеш што мислиш, кој си ти и какви херојски дела си направил. Тонч: Одма си загинал, оти „лигушот“ е секогаш поголем од тебе, а под дејство на алкохол нема да кажеш - што сакаш да кажеш, туку она што мислиш. За прејадувањето нема врска, од партиска гледна точка, а од здравствена, може само да те „трефне“ инфаркт, популарно наречен „инфракт“, проследен со „вагина кликторис“.

Друг вид специјални самоубиства се политичките, оти само „специјалка“, која држи сé во рацете, може да се самоубие. Најсвежо такво, иако есдеесовци се борат да го земат приматот, (и тука дури) е самоубиството на Груевски. Тој се самоубиваше во фази и долгорочно и спротивно на многуте мислења, дека тој е, само, уште еден македонски мазохист, тој се самоуби од инает, не е мазохист, туку сосема спротивно, а предмет на неговиот садизам е државата, па потоа – партијата, за да може да му се дигне (рејтингот). Така, кај овие самоубиства, постои и убиство на државата и на партијата.

Современоста, борбата со предрасудите, заостанатоста и конзерватизмот, како и патот кон НАТО и ЕУ се куршумите во пиштолот на нашите мудри простаци, а со тоа, тие се највештите убијци. Ако со нив си „играш“, мора да бидеш внимателен, како со секое огнено оружје и да внимаваш тоа да биде насочено кон народот, а не кон тебе. Така, ако го фалиш „западот“ – загинуваш како „западен платеник“. Ако го фалиш „истокот“ – загинуваш, но барем ти е џебот полн (не е парадоксално, ако погледнеш како се празнел буџетот за синчиња на „источните апостоли“ и „кочан телевизиите“). Ако ја фалиш Европата, загинуваш –неизоставно, оти таа „веќе започнала да се распаѓа“, зошто, да ти била трула.
            Највештите убијци не постапуваат така. Тие го фалат „трулиот запад“, „блудната Европа“, „поробувачката Америка“, „соседите – ѕверови“. Тогаш, не гинеш ти, туку будалите, кои ти веруваат дека глобализацијата, ЕУ, НАТО, педерите, Власите во судството, „шиптариштата“, младите кои пушат марихуана, девојките во миничи, дечковците со мобилни и видео игрите..., ќе ја уништат Македонија и тука „лек нема“, освен ако Јани направи диверзија, од која, повторно, „гинеме“, ама, барем им покажавме (ги споменавме како „убиства од глупост“). Тоа е педантен начин на убиство, кое е единствено санкционирано со „кривичниот законик на невкусот и опортунизмот“. Ти не си против современоста и „западот“, истовремено не си ни против „истокот“, ама си ги предупредил гласачите, дека „не е се така чисто“, го храниш македонскиот традиционален простаклук, вродената недоверба во Данајците, сељачкото калкулантство и на македонската штура и неука душа и’ даваш материјал за поврзување на илјадниците преплатени книжулиња националистичка литература, во која, Македонија е вечната жртва на заговорот на недугавите, против нас – од Бога избраните. Заради што? Оти сме многу убави. Велат, малку национализам не штети, но акцентот е на „малку“ и „каков“.


Тоа убива масовно! Кого си убил на овој начин, поголемо убиство не му треба. Тогаш стануваш глув за масовно прислушување и криминали, човекови права, мртви бебиња по болници, завери против имотот, животот и здравјето, сиромаштија, киднапирање на твоите институции, против класични нископрофилни ќофтиња на врвни позиции, па дури и за иселувањето, кое е температурата од раширената општествена сепса. Кога ќе се развие бајракот, сиот памет е во трубата. Дури и кај најучениците, ќе провее сомничавото филозофско „хм“, момент пред да се свестат и да напишат колумна, во која, најдобронамерно, најчовечки и потполно свесни за ризикот, сакаат да го освестат народецот дека им се спрема убиство и етноцид, токму од оној, кој ги „брани“ од „гнасниот запад“... И нормално, ќе си ја пролеат крвта, на божја правдина, оти тие немаат потреба „да се координираат“, а против нив е организирана машина и преплатени агитатори – убијци, а „нашите“ се невери, кои во нив гледаат конкуренција и нешто што „повеќе не им треба“, а кога ќе затребаат, будалетинките се тука, повторно да им дувнат ветер во едрата, се разбира, бесплатно.

Comments

Popular posts from this blog

Илија наречен Жаклина

Расцеп

Сијамска тројка