Како да убиеш човек во 100 лекции

Како да убиеш човек во 100 лекции

Прв начин: Земаш пиштол, нож, чекан, лопата, домат... и го убиваш. Домат? Да, ако е доматот во метална тегла. Дури и така може, но тоа се простачки начини. Постојат многу поубави методи, за кои имаме милиони примери кај нас, а дополнително, за нив „не се лежи“.
Човек, односно луѓе, се убиваат со лоши патишта, издадени шахти, дискретно скриени знаци со зеленило, кои ги декласираат ознаките на патот. Тоа не се најдуховитите начини, оти има многу подобри, па и овие ќе ги класираме како „полупростачки“.
Човек можеш да го убиеш со постојани ветувања и неисполнувања на ветеното. Посебно ако си политичар, ова е многу делотворен метод, кој масовните убијци, наместо во затвор ги носат на пиедесталот. Не е Пандора џабе главно маче, во просечната македонска глава. Ама, кога „објективните околности“ и љубовниците на политичарите ќе го „пополнат“ местото, ќе ја обвиниш Минерва што не ти дала подобар талент за лигушење. Не е лесно. Убиен ко’ пес, до следните избори.
Долгорочното масовно убивање оди поинаку, и за тоа треба телевизија. Турски, индиски, бразилски серии (од таму изразот „сериски убијци“), забавни емисии за директно заглупување, до ниво на интелектуална смрт, фестивали со новокомпониран македонски турбо шунд, прес конференции за правдање на лоповлукот и други за предимензионирани објаснувања на катастрофалните човечки избори за функционери. Додуша, овде немаме случаи на фактичка смрт, туку само доживотна кома.
Естетското убивање е голема уметност и тоа го можат само најдобрите уметници, посебно ако се виолинисти. Не правете го дома сами! Ете, видете го Скопје 2014 – та. Совршено убиство на град, младина, народ, идентитет, интегритет, законие и владеење на правото. Резулатите се фантастични: стиропорни души, полни џебови – на едни, празни – на други, ј..о’ луд збуњеног, документи запалени и сите можат да глумат печурки после дожд, изникнати одма до помочаната тараба, со која се оивичува уште едно градилиште во нашата свест. Неимари – златните. Дури и во Прилеп – Скопјани ни’ го продадоа рецептот како Крал Марко „да се претстави“ како латински љубовник, со антички кожен оклоп, со боздоган, кој личи на предимензионирана штафета и човек со коњски нозе (ако го гледаш од позади), веројатно, осмислен од човек со копита од прч и уметнички мозок од глиста.
Не е Македонија играчка. Таа има посеано убијци насекаде, од нашата свест, па до дијаспората. Ние не знаеме да направиме, но ако не’ бараш нешто да убиеме, рамни ни’ нема. Ако немаме што да убиваме, се’ убиваме себеси, додека пиеме ладно цедено капучино, без млеко, на „зимските тераси“, уредно завиткани со мушамче - „куртон пушачи“.
Можеби навиката за убивање е од доручекот!? Наместо јајца на око, јајцата ги ставаме на велосипед или во кола, па, право на работа, поминувајќи го „релито до уништување“ на нашите улици – убиени од субстандардност, со топло цедени пцовки до пешаците, „кравите и говедата, кои не знаат да возат“, комуналците, кои поѓомити нешто работат на коловозот од рано утро, а дупките никогаш затнати, по улиците, на кои никогаш нема сообраќаец за регулација, туку само за казнување и до паркираните (на раскрсница, ами каде) „кретени“, кои скокнале само на 5 минути нешто да купат. Да одиш со велосипед по улици без велосипедски патеки е предизвик, оти ќе бидеш убиен на најглупиот начин, со прегазување.
До работа, веќе ни’ е убиен мирот и присебноста, но тука се клиентите за да им се дереме и да ги убиваме „во поим“ со поканата да дојдат некој друг ден, затоа што ни’ е потребно време за да им ги затуриме „папирите“ и да им смислиме нов лавиринт. Па што? Тие се и онака зомби и низ погрешните правни совети и низ ново измислените давачки и низ молчењето на aдминистрацијата, и низ феноменот на „препраќање“ на друго место, и низ лагодните закони, кои предвиделе се, само не и казни за административците.
Убивањето продолжува со дополнителниот бизнис, без кој не можеш да преживееш, па го убиваш службениот ден, со задолжителна рубрика како „да се снајдеш“ во услови на промена на власта, а лешот го криеш со „убиство на кредибилитетот на колегите“, кои „ништо не работат“, а земаат плата и купуваат коли и џипови.
            За убиството на стандардите се задолжени специјални убијци од владата и портпароли – каскадери, пред кои сме секогаш во ризик да умреме од смеа.


            До следната епизода за специјалните убиства и политички самоубиства, од глупост.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“