Тикварникот од малини

Тикварникот од малини

Ружите од локум „оделе како алва“, но тикварникот од малини не се продаде оваа година. Причината е во промената на потрошувачките навики. Невера се ова потрошувачиве, исто како и магарето, кое со месеци го учиш да живее без храна, а на крајот, наместо да ти заблагодари, тоа умира. Така и со Шилегов. Наместо да бара галиоти за галиите, тој ќе ги рушел. Да имаше галиоти, галиите, едноставно, ќе си заминеа, да ја бараат флотата на Картагена, или да го затворат преминот во Црно Море, за да им помогнат на браќата на Крим.
До неодамна одеа и клејбезаблите, но еве, во неделата, повторно, видовме крах на берзата на клејбезабли. Само во неколку мали општини и во еден велеград (Кавадарци) имаше пазар. Тикварникот од малини не може да се преработи, па Грујо ќе мора да си го напика некаде и да им го смали животниот простор на тврдокорните, патриотите, моторџиите, разбудените, барокните, алуминиумските... уредно сместени во неговиот чмар.
Аналитичарите предупредуваа дека граѓаните повеќе „тоа“ не го трошат, но Грујо, знаејќи го принципот дека од локум се прават ружи, од епохи сака да направи покајание. И претходно му успеа пашитните говеда да ги претстави како слободни економски крави, но, со тикварникот го претера. Тоа веќе не е ниту понижување на интелигенцијата, туку детско самољубие и сељачко самопреценување, кое, моментот на колективно слепило го сфати како потврда на зборовите на мама од детството: Ти си’ сине најубав, најпаметен и сонце си на мама. Заради тоа тој и’ купи станови, но не е тоа муабетот.
Нашиот пазар се еманципира, токму пред моментот, кога помисливме дека од нас „потрошувачи“ не бидува, оти сме дибидус глупави и секој може да ни продаде тикварник од малини, барок од стиропор и тестиси за бубрези.
Еден таков машала „галијски“, тикварник од малини доби и Шилегов, како дар за функцијата, па, кога ќе ја види вкупната цена, со сите анекси на тендерите, може да помисли дека идејата за распишување конкурс за галиоти – веслачи, не е така глупава. За да пловат галиите, Шилегов мора да завлезе во длабоките води на Вардар, што значи дека мора да го реализира проектот за пловност на Вардар, преку поврзување со Морава. Тогаш галиите, заедно со сите светски конгресмени и антички македончишта, ќе можат мирно да отпловат по Вардар, во неповрат, а заминувањето може да го филмува Лабина, по сценографија од Жането со знаменцата и штитчињата, со задолжителен завршеток на глумчиштето, кое газеше на бирото на Претседателот на Парламентот: „Ах, таа чудесна Македонија“. 
Заев наследи мегатони тикварник од малини, што во скулптури, што во стиропор, што во агенции, кои Мартето ги сокри, што во катастрофален тикварски кадар – напикан во секоја канцелариска дупка, што во катастрофален криминален менталитет, за кој крадењето е „снајдување“, а моралот – бајка за мали деца... Едноставно, нам не ни’ треба преработка на тикви во административци, па ако сака нека се спрема и за избор на мистер универзум, а не за предвремени парламентарни избори. Тикварник се прави од тиква, а не од малини, а превработеноста бара отпуштање, а не „прераспределби од шупливо во празно“. Не е ова извор, туку буџет.
Ајде, галиите нека бидат симбол на заминувањето во неповрат на едно време, заедно со илјадниците вемереовци, кои беа вработени за да прават ружички од локум и да талаликаат по митинзи, час како администртивци, час како земјоделци, час како невладини организации, „движења“ и „платформи“, час како истурени одделенија на криминалната врхушка. Ние имаме и социјална помош и надокнада за технолошки вишок, а веројатно остана некој денар и за динамит, со кој, без галиоти, галиите ќе фатат џенем, а ти премиере, ќе го фатиш патот на рационалноста, отвореноста и транспарентноста, која не подразбира само гол популизам, туку и болни резови. Не гледаш дека стопанството страда од недостаток на работна сила, а способните не гледаат во Македонија место за докажување и кариера и „го фаќаат западот“?
Да се потсетиме: Буџетот е планиран на 3,4 милијарди евра, иако (ќе) имаме раст под 1 процент и тој е поголем од вемеревоскиот тикварски буџет од лани. Од која мака? Што ќе ставиш на врвот на буџетскиот тикварник? Аронија направена од тарана? 


Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“