Македонски трипер и француски сифилис

Македонски трипер и француски сифилис
Против дивјаците не можеш! Можеш да бидеш и посилен од нив, но џабе е. Дивјакот е дивјак 100% од времето, а ти имаш и попаметни работи. Тој е витален, див, некултивиран, никој е и ништо, нема долна граница, нема гордост, не му тежи ниту мозокот, ниту коренот. Тој не знае за пријателство, иако може „да ти се најде“ и подобро од цивилизираниот човек, затоа што, „свршувањето работа“ е метод - сите да ги стави под нозе.
Цивилизираниот човек би сакал да се такмичи, да те победи, во некаква, колку – толку, фер игра и ќе се задоволи со самата победа. Дивјакот не! Тој сака да те победи, понижи и уништи и како бренд и како тело. Тој ќе почне да се плаши од одмазда, и само твојата смрт ќе го смири. Дивјакот нема милост. За него, цивилизираните луѓе се навреда, а вагата на правичноста им е вечно „штимувана“.
Читајте за Римјаните пред Келтот Брен. Не само што овој донел своја вага за да го мери златото (нормално, „наштимана“ да мери помалку), со кое Римјаните сакале да се спасат од сигурното освојување на Рим, туку, око не им трепнало, кога Брен го ставил својот меч на теговите, и педантно додале злато, колку што тежел мечот. Изреката „Vae victis“ (тешко на победениот) со векови ги потсетувала, дека се потребни највисоки стандарди, ако сакаат да не се повтори. Римјаните, додуша предоцна, дознале дека не можат да се борат со дивјаците, на кратки патеки, па, затоа и ја измислиле процедурата. Дивјакот, како што французите добро знаат, само низ процедура и критериуми се еманципира.
Еве, на пример, видете го случајот со нашите деца, кои се „дивјаци“ за староседелците, во местата каде што се на печалба, а ние се кострешиме пред „наездата“ од 9 бегалци, колку вкупно ги имаме кај нас, па дури и референдуми ќе правевме. Многу наши во странство, застанаа зад таквата алосана ујдурма.Такви се и Унгарија, Полска, Чешка... Тие се емигранти, а не сакаат имигранти во „својата“ земја. Нашите деца, кутрите, избегале заради страв од „бавната смрт“ во Македонија, од живот без стандарди, од безаконие, неморал, беспарица, од квази - живот, во кој, бекатониран тротоар или канализација се постигнувања, а садењето дрвја – новина.
Како тоа, овде не не’ бидува, а во странство, мошне бргу, стануваме „Римјани на светот“? На македонскиот „дивјак“ му треба само уреден системи на вредности, па од Македонец, станува „Римјанин“, задоволен од она што го гледа во огледалото.
Кога ги нема (на власт) виталните дивјаци, коишто, пред неколку месеци, едвај, ги испративме во опозиција, спонатано и „спонатано“, започнува процес на „поримјанчување“, кое оди до такви финеси, што почнува да ни’ биде битно дали Лешовски е премногу млад и неафирмиран да води таква манифестација како СВП, што е сосема во ред и така треба. Диме Спасов, како министер, на времето, не ни’ беше тема, „бомбите“ не беа експлозивни, ниту судиите неправични; немаше врска што Претседателот на Врховен суд е нечиј кум,  дека тефтерчето од Гоца стана врвен државен акт, дека медицинските апарати беа немонтирани со години, напиканите во затвор - невини, Скопје 2014 - кич. Сепак, слободата дошла и за нив, барем така велат, но, во секој случај - ја користат.
За среќа, процесот со демисионирањето на дивјаците долго траеше, па ни овозможи несекојдневен спектакт, да ги видиме примитивците од институциите, кои, како на прозивка, мораа да се јавуваат и да одработуваат, еден по еден, за Груевски. Сами се покажаа. Сега тие, пред огледало, во напад на совест, го кршат, оти боли да не си на власт, или горчи, кога сфаќаш оти си задоцнил со „одлепувањето“ од вождот.
Но, што со другите самодекларирани „Македонски Римјани“, кои сакаат херметички да ги затворат портите? Дали, најпрво, мораат да ги пронајдат дивјаците во сопствените редови, оти тие, повторно, ќе ги отворат портите. За тоа, најдобар начин е огледалото, пред кое, ќе го пронајдат дивјакот во себе и на издеформираниот одраз, заради 11 годишното „снајдување“, рационализирање, мижење и молчење, и, ќе му стават жолта ружа. Вемереовските дивјаци се мртви, да живеат есдеесовските! Дали тие ќе мора да се откажат од луксузот да имаат скршени огледала, да држат црни тефтерчиња и да поставуваат дивјаци во институциите? Дали е мината вечната игра „сјавај Мурто, да се качи Курто“, оти, како што паметните веќе констатирале, ќе нема каде Курто да се качи. Дали Курто го поминал „процесот“ пред огледалото?
Зошто нас Македонците не не’ бива по дома, а во странство сме поримјани од римјаните?
Политичката практика, барем најскорешната, не дава многу материјал за надеж. Сега... сите ние можеме да се грижиме да не се’ заборави вемереовското дивјаштво и сите лица на злото, кои „бомбите“ ни’ ги покажаа, но, не може а да не ти биде битно, што за „шеф“ на обвинителите е предложен врвен соработник на Зврле, наместо некој од стамените борци, на кои докторатите по право не им сметаа да фрлаат боја и да се борат со специјалците; и дека, за волја на вистината, ниту другите кадровски решенија, после „првиот бран“ („летните министерски дечиња“, кои беа погодени по чколија и карактер), беа како од ракав тресени, ај, да не речам дивјаци, кои практиката, зајакната со кадровското сито на локалните избори, ги исфрли во прв план.
Просто е. Борбата за демократија е заменета со борба за гола власт, во која „реформите“ се веќе изговор, а не ветување. Не толку просто кажано: процесот загуби енергија, обидите најистакнатите и најзаслужните да се понудат со недостојни задолженија – не успеаa, позитивната селекција машала потфрли, на ѕидините на пристојноста гледаме плеќасти типови и типки, кои намигаат на дивјаците, како што Ѓоле му намигнуваше на Обама, а стиропорот станува поприфатлив од огледалните површини. Повторно и повторно... Тоа го гледаат и странците, кои новото подивјачување сакаат да го стават во пакет  – не се слепи, нели?
Така, „Француската средба“ нема нешто значајно да донесе, освен задолжителниот политички сифилис, со кој ќе го замениме македонскиот разединет трипер, или поинаку: операција „помилување за аминување“. Дивјаците остануваат во игра - се разбира, и тоа е лошата вест. Другото веќе одамна го знаеме. Кој е будала да мисли дека нема да платиме за дивјаштвото, само не знаеме кога?
Но, ако и овојпат ја оплескаме, дали со македонскиот трипер, дали со францускиот сифилис, дури тогаш Македонија и Римската Империја ќе имаат нешто заедничко: Двете ќе бидат бивши и уништени од дивјаците.

Имаме огледала, а јас и надеж, дека Заев не го скршил своето, како што стори Груевски со сите огледала, на кои наишол (затоа, тој сака стиропор, а не стаклени згради - со одраз). 

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено