Какво седиште - такво гледиште

Какво седиште - такво гледиште

Секој тргнува од себе. Швалерот мисли сите „ќарат“, загорениот, дека сите лажат дека „ќарат“, нечесните, дека се сите хохштаплери, намќорите – дека сите ги мразат, како што тие сите ги мразат, новопечениот функционер дека функцијата му е заработена, а не добиена со среќа – спротивно на она, што го мислат сите останати (чест на исклучоците од летото господово 2017 - та). Некој би рекол дека Маркс тоа убаво го знаел, па рекол дека општественото битие ја одредува општествената свест. 

Значи, тој за тоа не говорел. Говорел за седиштата и гледиштата, како солидарност на класи. Новите задничиња во старите фотељи и консеквентната промена на мислењето, можат на тоа да личат, ама само толку. Сообразувањето на гледиштата со седиштата, барем кај нас, се правдања, оти класи и органски интереси нема. Ние сите имаме „селска плава крв“, иако семејните митови велат поинаку. Нашиот израз за доблесност е „племенитост“ (доаѓа од зборот „племе“).

Играта на моќта низ политиката е константа и секогаш градира, во недостаток на регулативни вредности. Некогаш, и знаењето беше моќ, а стандардите, какви – такви, полигон за неговото демонстрирање. Кога едукацијата потфрли, што е кај нас случај, домашното воспитување не успеало да го совлада предизвикот на улицата и слабокрвното општество, сомнителните вредности, каде средството станува цел (на пр. парите стануваат цел, неместо средство), воспоставуваат привид на вредности. Кога вистинските универзални вредности, кои се „рамка на подносливоста на животот“ и на посакуваната општествена конкуренција на луѓе, способности и идеи, ослабуваат и губат од супстанцата, на сила стапуваат современите митови. Нивната улога е, преку релативизација на универзалните вредности, да се оправда новиот поредок на односи и неодбранливи идеи, од морална гледна точка. 

Митот, оној профанираниот, најпрво, сите вредности ги прогласува за митови, како што крадецот повикува да се фатат крадците, ги вулгаризира и релативизира („Љубовта ја измислиле комунистите, заради бесплатниот секс“) низ нивно постојано толкување, за секоја прилика, а не „за севкупна употреба“, а како толкувачи ги зема најнеморалните, неспособните и најблиските до „народот“. Тие стануваат од водениот кревет, го поправаат букетот пластични цвеќиња (практичноста е вредност, нели?), ја соблекуваат сатенската пижама, облекуваат облека „за пред народ“, застануваат пред огледало и се прашуваат заради што Бог ги створил толку убави и паметни? Веројатно имал некоја цел. Потоа, тргнуваат да го откријат тоа, не заради сознание, туку заради процесот. Митот не би бил мит, ако нема оноземски суштества.

Сепак, тој, кој и да е, не е од вчера. Неговото гледиште зависело од неговото моментно седиште. А сега? Како да го мени гледиштето, кога, веќе, го менил седиштето? Се знае. Митот вели дека секој тргнува од себе. Нема тука морал, работна етика, колегијалност, пријателства. Се разбира дека тој ќе биде несфатен, оти е на врвот: „Ете, и Конески така рекол“.

Но, успехот е учител на будалите. На сиромав човек, ама сиромав и со духот и вредностите, можеш најжестоко да го заебеш, ако му подариш 5 – 6 илјади евра, оти со тоа ќе го залажеш дека ја сменил „класата“, а не само седиштето. За два – три месеци, тој ќе биде и без пари и без пријатели и без семејство и без љубовницата. Има митови за успехот, ама седативните митови за пропаѓањето не 
помагаат, во тој случај.

Така е и со седиштето, кое го нарекуваат функција. Ако го седнеш расипаниот, неукиот и/или неизживеаниот човек во него, башка од негативните политички поени (фактурата доаѓа во партијата) и руинирачките внатрепартиски кавги, воспоставуваш правила на игра и модел, по кој сите други сакаат да „играат“ и удар врз моралното поведение. На оние со многу високи седишта, не им текнува дека и од пониските седишта постои „поглед“, а пареата од нивните манџи, оди нагоре. Освен, ако нема солидарност на класа. 

Таква солидарност (дефинирани интереси и актери) се прави со стотици години, а за пократко време може да се’ добие само мафија. Школски пример за оваа приказна е вемерето, таа ѓоа партија, а суштински, „Академија седиште – гледиште“. 

Затоа, универзалните вредности се спас: бидете задоволни со она што го имате и што можете да го спечалите со пот и солзи, оти заводлива е мислата дека сте од Бога дадени да седите на врвот, иако, никој не добил лиценца да го прави она, што го прави Бог. Се разбира, освен Мијалков и Груевски, на времето, но затоа, сега, заедно со „пониските ешалони“, кои се веќе уредно стасани таму и ним им се спрема кралско седиште, од кое гледиштето дека се миленици на Бог и народот, бргу бледнеат. 

Не, не се сите како од калап излезени, и не мора сите да бидат по моделот, а поѓомити од себе. Говорам ти ќерко, сети се снао, би била сосема пригодна порака и за новите функционери, чии стари гледишта, од пред парламентарните избори, се сосема во ред, па нека не ги менуваат, оти колку и да се трудат, пак ќе им остане селската плава крв, која тече во вените на сите нас.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“