Калајџиев може да се слика, а и Советот

Калајџиев може да се слика, а и Советот

Ете, од такви си пати Македонија. Ем го ставиле (ангарија) во Совет за реформи, да подзема некој денар, ама, малку утре, ем може да се фотографира со министерот и сите да мислат дека е „владин играч, или, како што би рекол народот, „може да се слика“. Не само тој. Цел совет може да се слика, освен оние 5 души од Mинистерството за правда. Додуша, во таквата фотка, задолжително, ќе биде „фатен“ стариот стил „лет во место“, односно реформи – без реформи. Да не’ мислеше „советот“ дека, навистина, ќе има реформи?
Замислете го и тоа, дава оставка, кога никој – никогаш – за ништо не дал оставка. Некои ги притворија, ги судат, доживеале сообраќајка, болни паднале, но, оставка не дале. Што се замислува Калајџиев? Мисли дека може да ги ремети македонските традиции? Или, нешто да поправи во судството? Како? Зар не ги гледа „светлите примери“? Цела Македонија е украдена, токму со асистенција на „системот“ и што? Нема материјален закон, кој дава моќ на инспекциите, а да е сообразен со ЗОУП.  Нема закон, кој не е во колизија и внатрешно и со сите други закони, и? Зар не му е доказ, за намерите, што нема место во институциите за најголемите умови во земјава? Тој е кривичар и знае дека МП има мотив, има оружје, со кое ќе го стори делото, има намера и делото го прави „продолжено“, веќе 23 години. Кој е убиениот? Па, системот, тој истиот, за кој е Гордан експерт - од ретките. Знам, од тука и надежта, оти го боли, ама нека ја изгуби.
Како Гордан мисли да стане академик со вакви „испади“. Да кажам по медицински, оти, исто како со правото, и од медицина немам врска. Не треба да се работи на пациентот додека е жив, нека умре како човек, па потоа, со скалпелот, тивко, пополека, гледаш, мериш, пишуваш трудови.... од типот... улогата на судскиот систем во ... Велеше баба ми: „прави како што прават другите“. Ако тоа не го искористи, тогаш ќе мора да напише закон за судовите, за да го примат во академија (не бре во таа петпарешката, туку во МАНУ) и да стане министер за правда. Нели е видно тоа – од диспозитивот на практиката?
Прво, скоро никој од Советот не разбира (оти ги боли за струката и состојбата) дека Совети не се прават за нешто да се сработи, туку да изгледа дека некој – нешто работи, демек, дека има реформи. Ако ги пуштат самите да реформираат, ќе мора да прогласиме банкрот на правниот систем: Стечај!!! Кој сака да се види колку не знаеме? Советот е декор на МП, па поубаво би им било на членовите да се подоблекуваат поубаво, да не се брукаме пред странците.
Второ, кој сака независни судии и воспоставување на трета власт? Да го сакаа тоа, ќе предложеа во тоа „Стратегијата“, обврска поранешните пресуди да бидат задолжителен судски стандард, ќе ги укинеа тоа „правните факултети“ по селата, ќе воведеа стопански суд, ќе ги избришеа субјективните критериуми за неподобност за вршење судиска должност, ќе го наполнеа тоа СС (Судскиот совет) со познати професори и експерти – лидери на мислење, ќе ја укинеа тоа „Шатка академијата“, која е чисто предавство на правната професија (сори, но, побргу ќе го пошумите Атлански океан, отколку да го реформирате тоа гнездо на корупција и ниски стандарди). Но, така, таа „трета прекумерна власт“, нема да ја слуша првата, а, штом е прва, таа е битна, па затоа била, и е, „првобитна“, на ниво на обичајно право од типот „плати, па клати“. Ете, го укинавте тоа советот за факти, па, доста е. Ајде на сликање.
Трето, вака е подобро кога никој – никого не прашува ништо и никого не го занимаат проблемите. Да беше вемерето, ќе му наместеа афера, а овде само го игнорираат. Нели и тоа е напредок? Зар самиот факт, дека немаат ниту дневници, ниту тематски групи, ништо не им кажа?
Четврто, штом не ги прашаа, кога ги поставуваа, нема да ги прашаат ниту кога си даваат оставки. Тоа е човеково право: прави што сакаш, а Советот исто ќе функционира и сите да си’ поднесат оставки. Да прашаа што од нив очекуваат, кога веќе ги назначуваат, одма ќе сфатеа дека не треба да „членуваат“ (како во Радован Трети: „Другарот член“).
Петто, МП си го нема многу со „иницијативи“, многу се умни и се’ знаат. Ако има иницијативи, тие доаѓаат од МП, односно, ниту тие од МП не знаат кој, заради што, со која скриена намера и од кого наредено, предлагаат некои измени на закон. Има ЕНЕР, па, читај, ако немаш попаметна работа. Тоа си’ се „тајни игри на власта“. Тие и во 2004 година, со тогашните реформи, сите ги издриблаа, а пратениците од тогашната позиција (се сеќава Гордан, си’ велам), баш ги болеше за реформите и за сите „писанија“ кои им ги дававме, како „иницијативи“, катастрофални решенија, подобри предлози..,  и „ги бркавме“, по канцеларии и ходници, за да им го објасниме тоа (тогаш, и ние имавме пратеник – водич, како на 27 – ми, ама пратениците не беа крвави, туку насмеани до солзи, оти сме толку наивни).
Еве, да го илустрирам тоа, би спомнал само едно законче, донесено во „пресудната“ 2004, а можеби беше и 2005 година. Кога на пратениците и на целата јавност не и’ беше гајле што Академијата за обука на судии и јавни обвинители, нивниот модус вивенди – наставната програма, можеа да ја донесат со статутче, кога не им беше срам околу критериумите за нејзин раководител(ка), каде, уште нејзиното име го немаше во огласот (дека шефицата не мора да знае англиски, а заменичката – мора, години стаж, други „критериуми“), кога не се загрижија како тоа, Академијата, сосема надвор од Уставот, на Судскиот совет му предлага еден кандидат – за едно работно место (тогаш, кој ги бира судиите?), заради што би им било гајле сега? А говориме за законче. Да беше закон, кој допира до политичката моќ, веројатно ќе беше усвоен по скратена постапка во 2 часот ноќе? Сега се чудиме од „фалсификуваните кандидати“ и одговорите дека „не можеме да одговориме оти не сакаме да одговориме, согласно закон“?
Шесто, независните (веројатно мислат, „без знаење на Советот“) дебати по „одредени прашања“, „техничката страна“, „техничките комисии“ и добивањето „материјали“, се водени од МП, кое е непроѕирен и непробоен ѕид на партиски интереси и негрижа, каде врвни експерти од областа на манипулации во/со правото, дозираат кому и што ќе дадат. Да ти признаат дека цело правосудство го клекнаа на колена, за да се спушти на нивно ниво? Да ви дадат фидбек од ЕУ експертите? Да ви кажат како се станува нотар, извршител, судија, но, вистински, а не „по закон“? Поарно, нека проба да добие Нобелова награда, полесно ќе помине.
Европа, НАТО, Америка? Дали тоа може да биде „новиот поттик“, покрај убаво брендираните „причини“ за реформите, како „Сваровски судство“, „повеќе вака не се може“ и дрн, дрн? Предолго се колнеме дека „го одиме патот на владеење на правото“, истовремено развивајќи раскошна негрижа. Додека се реформираме заради нив, а не заради нас, залудно е.
Седмо, ајде да го видам и Гордан и другите, нека објаснат во јавноста - конкретно, што треба да се направи со реформите во правосудството. Што има во тоа 3 – 6 – 9, што е конкретно и што не може да се претвори во сопствена спротивност? Може човек да се испоти и никој нема да го разбере, а оние, кои веќе разбираат, тоа јавно не можат да го објаснат, освен во општи црти, што е пак политика, а не струка. Заради тоа, врвните експерти, со јавна доверба, која може да се стави на другата страна од политичката вага, се „ангажирани“ во Советот. Да ставеа некои послаби експерти и тие да „мрчеа“, ќе им се појавеше политикант од тоа МП – то, и со иста таква „3 – 6 – 9 сума“, ќе ги закопаше. Тајната на сложените прашања, лежи во ограничената можност, на народот да му кажеш, што му спремаат, на народот. Не се сите експерти турска серија, па да бидат гледани.
Осмо, во тоа Стратегијата, како причини за реформи на правосудството, стои: „...заради зачувување и унапредување на постигнатите ефекти/придобивки од претходните реформски процеси и активности, но и заради спречување на  назадувањата во правосудниот сектор на државата констатирани во изминатите неколку години...“, заради „...мешање на извршната власт и партизацијата, како причина за назадувањето и нефункционалноста на правосудниот сектор...“. Мешањето на политиката ли беше единствената причината, што политичарите, обвинителите, судиите, нотарите, адвокатите... си тераат „бизнис во струката“, од нивното назначување, па до потребните закони, со кои, огромниот приход е загарантиран (блазе на министрите), кој вие со советот можете да го сонувате; или, што од многуте правни факултети излегуваат завршени студенти, кои немаат воопшто слушнато дека постои Управен суд, а „КЗ“ го читаат „Ка – три“? Само изборот и унапредувањето на судиите и обвинителите беше проблемот, или, повторно, целиот систем? Тој „системот“ се опра со „Сваровски бомбите на Заев“ и лошиот Груевски и Гоца, без многу да се изложува, оти сите од струката се соучесници во истото лицемерие. Гоца и Груевски се само температурата, а болеста е сеуште јавно непозната, а ја знае секој граѓанин, и ја нема во тоа Стратегијата. И во минатите, реформи, ишкајќи си ја мувата од капата, „реформаторите“, мајче расплакаа, а и сега, го нудат истото, оти тоа им е работа. Не вие од советот. Тие се реформаторите. Инаку, ќе ги вклучеа и судиите и обвинителите и ќе ви ги оставеа во сала, сами со вас, да ги подсондирате, или, барем, ќе ве прашаа: „Фала што дојдовте, дами и господа, што мислите, како да ја тепаме мечката?“. „Придобивки од реформите“, нивно „зачувување“ и „унапредување“? Чувај Боже и брани, да ги заштитиме „продобивките“, од кои пристапот до правдата за обичниот граѓанин е мисловна именка (без 50.000 денари, ниту помислувај да тужиш), а фактот, што го убивме правото на судска правда, го сметаме како успех, во тоа накитените табели за „постигнувањата“ (намалување на број на „случаи“). Толку е постигнато, што половина од судовите ќе ги затвориме, во исто време кога примаме стотина обвинители. Логика а? Придобивките од „фантастично“ (нереално) осмислените реформи од 2004 година, уште однапред беа апроксимирани, но никого тоа не го интересираше. Задолжените типки и типчиња, како и тогаш, така и сега, „водат држава“.
И последно, осмо, малку поука од граматика (иако од медицина и судство немам врска, затоа пак, граматиката ми е катастрофа). Зборовите „благовремено“ и „Министерство за правда“, не смеат да стојат во иста реченица, ако во реченицата не стои и изразот „политичка волја“. Оти не стои? Оти е недостојно цветот на нашата правна наука, со супер – јавен статус и со доверба на лидери на мислење, „да го собираат“, без почит, без план, без задолжени луѓе „од формат“, без лична молба, ајде, не мора од Заев – лично, но барем од личност - тука негде; без предупредени „советници“ од МП, дека за јајца ќе висат, ако само настрана ве погледнат, а камоли да ви се занесуваат и да ве „задолжуваат“.
Дневници? Бланко договори требало да добиете, за да си напишете сами, колку сакате. Мерцедесот од Грујо има да ви го паркираат пред тоа зградата, на која има фалсификат Јустиција „боје вишње“, како што е фалсификат целото правосудство и тоа не само од „политички притисоци“. Министерот има и да ве масира, во паузите, ако побарате, оти немате вие мака, туку тој. На нотар ќе даде изјава дека нема да ве нервира (попатно може да ја земе и годишната џеза).
Честитки за оставката, Гордан е лакмусот на правната струка, па да видиме дали и понатаму „ќе поплавува“ Советот, како што ни’ судиите, обвинителите, нотарите, адвокатите.... не поцрвенуваат и не им паѓа на памет да излезат со изјави во медиумите за реформите и тоа бројките од 3 до 9, иако за нив се работи.... Но, барем, додека тие добиваат „плави пликови“, но не од радијација и не (само) од политички притисок, нема да берат гајле за некакви реформи, затоа што тие имаат доволно од најбитниот „папир“ во правосудството: Банкнотите. Ниту медицината нема мевлен паста против „плавите пликови“ во правото.
Ах, пуста граматика ... не се нарекувале „пликови“, туку коверти.


п.с. Колумната е напишана во саботата, па не можев да го искажам восхитот до професорката Мирјана Најчевска.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено