Селфи пред ладно одбивање

Селфи пред ладно одбивање

Размислувањето за „бренд“ и „имиџ“, но и за goodwill, нѝ стана мошне блиско, годиниве. Идеал на секого е да создаде „вишокот вредност“, која е поголема од вложеното, било да се работи за компанија или за човек. Јавната личност гради имиџ, а фирмите  goodwill. Кај нас, како и со сè друго, ситуацијата е комплицирана, па, човек, покрај градењето имиџ, може да гради и goodwill, за подобро да се продаде на „пазарот на функции“.
За што муабетам?
Најпрво за вработените на „државни јасли“, кои не работат за државата. Државно ухлебените работат за плата, со која не може да се преживее, а сепак, сите трчаат да се удомат „на државно“. Таму и не мораш да работиш, туку да го сокриваш незнаењето и мрзата и да не се замеруваш со никого, на пр. како што болничкото обезбедување и полицијата не сакаше „да се замери“ со насилникот, и во тоа не ги поколеба ниту невропсихијатарката Ацка. Најважно, како вработен „на државно“, во комбинација со партиската припадност, можеш да станеш функционер (командир?).
Потоа, за невработените, кои би се вработиле на „државно“. Што бараат таму, кога се мали платите? Не е ли тоа премногу за едно државно ухлебение грешним, во процес, кој може да трае и десетина години? Не е, ако имаш надеж дека ќе станеш функционер, после вработувањето. Имај ти добар goodwill, и не е проблем.
За функционерите муабет не е ниту потребен. Тие земаат „високи“ плати, па, можеби задоволуваат 10% од семејните потреби со тие пари. Останатите 90% за живот, и 9000% за „проширена репродукција“, (стан, куќа, крстарење, јахта...)? Главно, нивната плата не ќе е мотивот за беспоштедната борба за функции и само по некој од нив, задоволува „алфа пориви“, во јавноста. Но, што со оние, кои, никогаш нема, јавно, да ја демонстрираат својата памет? Ете ги во совети за реформи, комисии – регулаторни, изборни... Во струката, секако, никој пет пари не дава за нивното знаење, туку за позицијата.
Државно ухлебените, од „понизок ранг“, имаат своја математика. За законска улуга кон граѓанин (што им е работа), тие наплаќаат како за услуга (чест на некои институции, каде ги средија тековните работи, но не и работите од „повисок ред“). Процедурите се толку усложнети (намерно) и со толку посебни правила и можности, што „стручната помош“ на вработениот, е неминовна, за одредбите од ЗОУП, за примена на најдобро законско решение за странктата - да профункционира. И повеќе од тоа. Постои и „меко кршење закон“ и административна грешка, само „ако се сака“. Тој ти станува „адвокат“, кој ти ја „брка работата“, знаејќи ги сите дупки во законот и начините за „законска малверзација“. Ако не во пари, им должиш услуга. Многу сторени услуги, е „пола функционер“ и континуирано градење гудвил.
За функционерите и што тие работат, најдобро се знае од постапките на СЈО, а сега и на ЈО (фала ти Боже), а тоа се само машала големите злоупотреби. За оние „малечките“, кои тешко се докажуваат, ќе треба да вработиме уште 10.000 обвинители, за собирачите на гудвил. Главно е да бидеш „проверен“ гудвилаш.
Ете, тоа муабетам?
Никој не се бори заради платата и да биде слуга на државата и народот. Гудвилот не е имиџ, туку препорака, дека е добар послушник, сончоглед и „преносник“ на пари, од институциите, до владетелите.
Да земеме еден објаснувачко – отрезнувачки факт: вемерето може да ја купи партијата на Меркел со ситното од џебот. Таа, лично, сигурно, е десет пати посиромашна од најсиромашниот од министрите во минатата влада. Ова не е тајна. Потврдено е дека вемерето е најбогатата партија во Европа. Дели, множи, излегува дека говориме за големината на криминалниот колач и (единствено) така се објаснува беспоштедната (меѓу) партиска војна, предимензионирана борба за функции, себе - нештедењето, огромниот број медиуми и борба за јавниот простор... Во тој ист контекст, заштитата на криминалните приноси и неказнивоста, ја објаснуваат состојбата на судството, обвинителството, администрацијата, споил системот, партизацијата...
Токму „дополнителната корист“ (криминал), како база на целиот овој колач, е двигател на целокупниот општествен, политички и личен живот, во кој имаме „наивни сезнајковци“ и „паметни копилиња“ (гудвиловци). Ако говориш за она, што сите го знаат, но молчат, градиш јавен имиџ, а ако негираш, создаваш goodwill за себе, и стануваш посакуван партнер (слуга) на владетелите. За политичарот вреди само некој, кој е шраф во пирамида.
Срамно, но, постојат и такви, кои своите примања и личност ги базираат на јавен имиџ и експертиза (goodwill би бил погрешен  назив за тоа), кој не е на продажба (затоа е погрешен) и живеат од знаење и умеење. Не корист, туку голема штета имаат од тоа. Да се „потивки“ и „покооперативни“, статусот ќе можеа, машала, да го наплатат. Но, кога тие ќе појдат во институција, да завршат некоја своја работа, за нив „свршувањето работа“ не функционира, оти „многу лаат по медиуми“. За секого може, но не и за нив. „Тие се по закон“, па, нека видат. За нив нема ниту субвенции, ниту владино ухлебение како советници, ниту по 9.000 евра за „наменска политичка песничка“, па куку – леле, дај уште 9.000, па, по 9.000 евра и за другарчињата од протестот, па милиончиња за, поѓомити, филмче и така – натаму до сто и едно и назад. Не се тие ниту по лековите и веледрогериите, ниту по тендерите, а со тоа, ниту потенцијални државни ухлебници, и сто пати да имаат „јака врска“ во „женското лоби“, или „мама да им чува место за професор“. Чесната работа и јавниот статус, без одработување за некого, води до вистински негативен goodwill, на македонски политичко – традиционален начин. Тоа е „слава пред народ“, а за политиката претставува негативен фактор, за пазарот на функции.
„Мудрите копилиња“ од естрадата, политиката и бизнисот, истите ги жалаат и велат дека „нема пес за што да ги касне, а овде глумат нешто....“. И сега, кога се етаблираат новите гудвиловци, тие сѝ ја работат работата и само можат да се надеваат дека, овојпат, нема да ги тужат за клевети и навреди, душевни болки на бездушници, нема да ги потураат со бои, да ги судат заради искажани идеи, да им ги кршење фарови и блокираат лифтовите, да им ги опљачкаат просториите; и дека нема да ги одбиваат во институциите со банални изговори, иако ги примиле преку ред, ги честеле кафе и тоа го овековечиле на фејсбук.
Но, има и обратна логика. Одбивањето на сезнајковците да ти било врвен доказ дека институциите функционираат без протекција и нема политичка интервенција при ухлебувањето, нивната кавга со властите ќе е сигурен доказ дека, и овие, преминале на другата страна, а за „другата страна“, ликување и предупредување до сите, кои му верувале на „животот“ и странците.

Народот, за сето тоа, има силно објаснување: „Роди ме мајко со ксмет и фрли ме на буниште“.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено