Бидете паразити, оти е највозвишено

Бидете паразити, оти е највозвишено


Божик бил роденден на божицата Митра (25 – ти декември) и тој е само еден од многубројните обичаи на преминот од старата – во новата година. И пред Митра, главното божество во Вавилонија, крволочната Тијамат, била прелагана од богот Мардук, со новопронајденото вино, па оваа, мртва пијана, ласцивна и разиграна, пред пантеонот богови, му ја предала власта. Ах, некои работи не се менуваат, што и вам ви посакувам за Новата година.
Поврзувањето на Новата Година со Исус е од четврти век а славење на раѓањето на Христос е од 375 – та година (некои велат 336 година) и тоа го вовел Св. Августин, кој не го знаел паганското потекло на празникот. Претходно, Божик се нарекувал „Ден на непобедивото сонце“.
Многу ритуали и математика околу почетокот на новата година.
Кај Грците, скапите пијанки, кои ги правеле како заедничко обедување на света маса, ги нарекувале „Параситео“, а главниот свештеник „Паразит“. Некои работи не се менуваат никогаш, посебно ако имаш службена картичка. Кај нив, Менадите - идолопоклонички на Дионис, трчале со еленски кожи, бршлени и маски, а ситуацијата (повторно) била малку повеќе „дива“ (оргии). Празници никогаш не им било доста (скоро како и кај нас сега). Така, го славеле и празникот на Крон, кој Римјаните, мошне еманципирано и практично, го споиле со Сатурн, па добиле прослава на Крон – Сатурн, за на крајот да го остават само Сатурн, како најдивиот „свет пример“ за Сатурналиите на палатинскиот брег.
Постот („Нестеја“) потекнува од Тезмофориите, кои ги практикувале мажените Атињанки во чест на божицата Деметра, проследени со сексуална апстиненција.
                За сето ова да има рамка, која е прифатлива и во Христијанските ареали, овие преодни денови од старата – во нова година се духовно санкционирани со „некрстените денови“.
За нас Македонците, зимскиот солстициум започнува на Митровден, а потоа се редат: Варвара, Свети Андреја, Свети Игњат, Коледе, Бадник, Божик и Василица и Богојавление, со ноќното отворање на небото (тогаш се замислуваат желби), а после тоа, општеството се враќа во нормален колосек, за цела година. Сори.
                Математиката за новата година е збунувачка и Нова Година можело да се слави (каде – како)  до Јуни. Најчесто, новата година се славела на 25 – ти декември и 25 – ти март.
Римјаните имале само 10 месеци во годината и го немале месец јануари. Во 700 година п.н.е. Римскиот Крал Нума Помпилиј ги додал првите 2 месеци во календарот, а Први „јануари“ се слави од 153 година п.н.е. Во 46 – та година п.н.е. Јулие Цезар званично го воведува јануари, по богот Јанус – Бог на сите почетоци (бил со две глави и гледал и во минантото и во иднината). Новогодишната прослава се нарекувала Calendae (од тука „календар“). Веројатно, празнувањето на НГ води потекло од римските Сатурналии, од 217 година п.н.е.
Во Европа Нова година не се слави долго. Во 1582 година, со Грегоријанскиот Календар, тој е воспоставен и прифатен, прво од Католиците, а потоа и од Протестантите. Британците Нова година ја слават од 1752 година.
Најрани помени за украсување елки имаме од 1570 година во летописот на Бременскиот цех, каде се вели дека: „мала елка е украсена со јаболка, ореви, переци и хартиено цвеќе“, и во 1597 година, во Базел, каде било носена елка, украсена со јаболка и сирење. Некои сметаат дека првата божиќна елка настанала во Рига во Летонија 1510 година. Во 17 – ти век овој обичај станува семејно однесување, но најмногу се шири во Германија во 18 – ти век, за следниот век да се прошири кај благородништвото во Русија и Австро – Унгарија. Принцезата Henrijeta од Nasau-Vajlburg во 1816 година, јавно демонстрира во Виена како се украсува елка, Војвотката од Орлеан тоа го прави во 1840 година, а во Британија, тоа се случува после венчавањето на Кралицата Викторија со Принцот Алберт, кој на училиштата и касарните им поклонува елки. 
На Балканот, во 19 век,  се поставувале позлатени ореви на елките, цвеќе, лешници, вата, восок и хартија.
Дедо Мраз има Германско и Словенско потекло, но, контаминиран е со епископот (Свети) Никола, кој е познат по давање дарови и мираз на немажени девојки, понекогаш и низ оџак. Тој е од Лапонија, се вози на санки, кои ги влечат ирваси. Во руската варијанта, тој нема такви санка. Американсиот печат во 1773 година, за прв пат го користи името Santa Klaus за бискупот Синтерклас и го претставува како дебел и брадат холандски морнар. Овие идеи се канонизираат преку поемата „Посета на Свети Никола“ (денес позната како „Ноќ пред Божик“) објавена на 1823 година. Изгледот на Дедо Мраз конечно е утврден во неделникот Harpers vikly од карикатуристот Томас Наст во 1866 и со книгата од 1902 година, со наслов „Животот и авантурите на Дедо Мраз“. Кока Кола, во 1930 го популаризира овој лик и му дава дополнителни карактеристики, како рекламна нарација за продажба на сода вода и вода со ѓумбир.  Дедо Мразикот е дооформен во Русија после 1935 година, до кога бил забранет од советските филмаџии, а потоа е прифатен како „ептен руски производ“, кој имал плаво палто. Дури и Јапонците имаат свој ДМ и се вика Хотејошо.
Купувањето дарови за Нова Година и Божик, исто така, не е стар обичај, а е воведено од њујоршката стоковната куќа Мејси, во шеесеттите години на 19 – ти век, а честитките се појавуваат за прв пат во 1843 година во Англија.  Првите лампиони биле бомбони и топчиња од текстил (Англија), а прв пат се сериски произведени од америчката „Вулсфорд“, во осумдесеттите години на 19 – ти век.

На крај од годинава, атеист би посакал многу среќа, здравје, љубов и разум; Верниците: Да нѝ даде Бог по своја милост, а не како што сме заслужиле; а моја честитка до посетителите на Плусинфо, за атеистите и верниците заедно: Среќна и бериќетна Нова 2018 година и само вишоци пари да нѝ се плеткаат во спокојот.

Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

Пот од очите и солзи од под мишки

„Наводници“