Интервју со ѓаволот

Интервју со ѓаволот

Се разбудив во топла пот, требаше да биде во ладна, ама не греам во собата, па сѐ е топло во споредба. Ми се смири стравот дека, можеби, ова не беше сон, ме фати нов, дека е жена ми во право - дека сум болен грандоман и дека доцнам за на работа (јеби га, не е повеќе вемерето, па кога и да дојдеш, доаѓаш после директорот, оти тој има утринска координација).
Решив. Колку и да е глупаво да пишуваш за сон, ќе напишам, барем за себе (така се лажеме сите ние, „кои нѐ јаде газот“). Не е толку глупава жена ми: Ем сонувам дека водам интервју, наместо да сонувам дека пополнувам инвентарни книги, или неа, во долен веш, ем го водам најголемото интервју, кое било кој – било кога го направил.
„Клиент“ ми беше ѓаволот - лично.
Дошол „да ме просветли“, за да изнесам некои работи во јавност, а сепак, никој да не ми верува (мојата животна приказна). Геровски не сакал да го одбере за интервјуто, оти бил толкав циник, што ќе го фател за рогови, за да му ја истргне маската и ќе му се изнакарал и мајки и татковци.
Сонот беше толку вистинит, што, сеуште, во собата можев да го почувствувам мирисот на скап парфем, за кој ѓаволот ми кажа дека е една од измамите за докажување дека ѓаволот не постои. Точно е. Сите очекуваме мирис на сулфур, скоро како кога поминуваш во она селцето пред Охрид, кое труе на расипани јајца. Еден пријател – психолог, ми посочи дека, сите кои потпишувале договори од турнусот „Скопје 2014 – та“, го чувствувале мирисот на сулфур, додека потпишувале.
Се замуабетив. За сонот сега.
Таман, во сонот, пишував колумна за Шилегов, кој во последен момент се откажа од бадникарчињата, во канцеларијата ми влегува преубава девојка, со ликот на (ај, сега) жена ми, (договоривме сарма за ручек) ама не толку згодна, со свилениот шал од мојата младешка поезија од Белград. Одма знаев, оти стихот оди вака: „Ѓаволот е ѓавол, тој може да носи и свилен шал...“. Додека подзинат потстанував од столицата и ја очекував трансформацијата, таа се случи, како во филмот со терминаторот од течен метал: аглите од кацеларијата потемнеа, спротивно на центарот, кој почна да блеска, но со црвеникаво - резеда светлина, неговиот шал, преобразуваќи се во црвено – жолто, се вообличи во пано со слоган дека името не го даваме, а тој, натемаго, воопшто нетеатрално, започна да ги листа ликовите, во кои се претворал претходно и таман да речам: Ѓорге бре, кој к.. се мафташ..., тој го доби конечниот ѓаволски лик на на еден наш познат архитект, секогаш скриен по комисии, но со рогови, бричени нозе, а во раката веќе држеше микрофон.
„Седи Александаре, што се плашиш, та, не сум инспектор“, ми се обрати, па продолжи: „Седи и земи ми интервју, не се плаши, јас и ти имаме другарувано многу, само не сѝ ме препознал“.
Прво плашливо, а потоа решително, што произлезе од одговорите на натемаго, херојски го извозив интервјуто, па, сега да ви го прераскажам.
Најпрво го прашав дали тој стои зад Заев, по прашањето на името, оти има многу „податоци“, кои покажуваат дека се Македонците антички народ, да не ги споменувам најновите генетски истражувања на младинецот од Гевгелија, кој мие епрувети, таму негде, на сметка на наивните Скандинавци и Руси? Тој ми одговори со прашање, дали знам дека ѓаволот секогаш лаже? „Знам“, реков јас, оти ѓавол не би бил ѓавол, ако не лаже. „А филозофија си учел, нели“? Ова беше реторичко прашање. „Тогаш знаеш за негација на негација. Ако е Македонскиот народ – божји народ, мојата вистина би била лага, но ако е народ на ѓаволот, т.е. мој, тогаш, мојата лага би била вистина, нели?“ Да бре, од контекстот ќе зависи вистинитоста на одговорот – еднаш паднав на испит за тоа. Значи, ако каже дека Заев е предавник и грчки платеник, а Македонија не е божја земја, тогаш тој сака статус – кво, кој би го постигнал со референдум за името, но, ако е Македонија божја земја, тогаш е Заев издајник. Ебати државата, сета е негација на негација, на негација.
Потоа го прашав дали ние нормалните, за секогаш сме осуден да бидеме во лимбото на предавниците, оти е многу тешко да ја објасниш нужноста на промената на името, а многу е лесно да бладаш за библиска Македонија, да покажуваш квази - историски карти, во кои Грција е мала, останатата територија да ја прогласиш за наша и да апроксимираш бројност на Македонскиот народ, кога никој и не знаел што значи тоа, од етничка гледна точка? Тој ме праша дали ми е Оливера идол во поставување сложени прашања, дали не гледам оти есдеес сиот товар ќе го префрли на Заев и малубројните одговорни интелектуалци, па така ќе се спасат и дали не гледам дека е Македонецот мазохиста, па се пали на инаетење и муабети дека сите нѐ малтретирале и продолжуваат со тоа? „Вака интервју не бидува, кога на секое прашање ми одговораш со прашање, заради што ми дојде во сонот на интервју“, реагирав. „Оти ти, како и секој друг Македонец страдаш од синдром на мала вредност, па сакаш да се лечиш со величина“, одговори. „Од каде тоа, кога ти ми дојде на сон“, мудро резимирав. Тој се насмеа и ми рече на заминување: „Сонот е твој, глупаку еден, а не мој“.
Тука ѓаволот се заеба, ко Алдо Климан – „античкиот“, со македонската словенска топонимија“.
Така сватив. Па, сонот за Македонија – демократска, независна, суверена, призната, со среќни и богати граѓани е наш, не Грчки, Српски или Бугарски, а понајмалку од Американците и Европјаните. Ние - нив ги повикавме во нашиот сон, од наши себични причини за величина и владеење без заслуги и харизма, заборавајќи дека вистинитоста на одговорите ќе зависи од тоа што ние подома правиме, од нашата сила и ситуација, од нашето однесување, а не од нивните укажувања или притисоци, значи, од тоа дали е Македонија божјо или ѓаволско царство. Нашиот сон зависи од новата негација, на веќе поставената негација (ние самите, како големата негација). Ние треба да кажеме „не“ на она што сме го воспоставиле за сите овие помочани 27 години, претходните 45 хохштаплерски години во социјализмот и претходните дваесетина, од кога постои барем трошка национална свесност, а не „славенофонска“ – видно сомнителните карти на белосветски кариеристи и уште посомнителните „толкувачи“ на „македонцките рабоќе“; генетичари, кои од етногенеза знаат само да си играат со гениталиите, банди хохштаплери од дома избркани и скриени во хотелот „Евтин национализам од корист“ и од борбата: Не онаа измислената, во која вемереовските убијци ги рекетираа македонските чорбаџии, поѓомити за каузата, како што албанските ги рекетираа своите, туку борба за воспоставување контрола на властите, тројна поделба на власта и стамени институции, кои секому, без преседани, можат да му кажат дека овде владее закон, а не безвластие, па не можат да им излезат во пресрет. Значи.... ако ставиш бисер на ѓубриште, бисерот е загадувачот, оти не му е тука местото, исто како што на добриот и помирителен збор и искрената грижа за иднината на Македонија не му е место во нашите нечисти и грамзиви глави.
Не требало небото да го менуваме, туку свеста.
Тоа ѓаволот го болело, оти сме кинисале на добар пат. Ѓаволот изгубил „територија“, па сега сака да ја врати, а како поинаку, отколку со ѓаволски методи. Точно е: Ѓаволот може да носи свилен шал „а ла Жанета“ и да блада за неправдите кон Македонскиот народ, како некој друг народ само на правда да наишол, а не на мориња пролеана крв, како што и се случило, во недугавите и повеќевековни битки на нивните моќници и властела. Затоа кроткиот збор кај нив вреди, оти се во крв и пот искапани и со умот составени.
Па, ние го одиме тој пат! Едвај кинисавме, но кинисавме. Можеби малку алосано од есдеесовските кадри, нивната дезориентираност и безидејност, можеби издефомирано од молкот на тоа здружение за правење на тошо – наречено МАНУ, (без можеби) апла саботирано од Груевци, Климани, Ненади, Арнаудовци, Чилимановци... кои не можат да прифатат општество, во кое дебилноста и тие не сѐ центар на текот на идеите и парите, можеби дефектно од суетата на пресната македонска душа, од неукоста и неумеењето, кое Македонија ја остави ниту мома, ниту старица, туку „јунфер“, оти тие што ја водеа сѐ и направија, само не она што треба, за таа да се чувствува убаво и без свилениот ѓаволски шал, со кој во турско ги давеле должниците, па нека биле и аги и бегови. Умеење треба за некој државичкава да ја задоволи и воздигне.
Кога сме кај тоа, за ручек имаме сарма и некое печење.


Comments

Popular posts from this blog

ПОРАКИ ДО ГЛАСАЧИТЕ Како да препознаете лажни предизборни ветувања во пет чекори?

„Наводници“

Бидете паразити, оти е највозвишено